Ретки се тие луѓе што знаат да кажат дека на село е поубав животот. Обично помладите ги сакаат градовите заради можностите што им ги нудат, а повозрасните најчесто се принудени да живеат таму.
Не дека многу сакаат, но немаат друг избор. Ќе ви пренесеме што имаше да каже чичко Ване на оваа тема. Тој има 68 години и живее во планинско село на Осоговијата.
„Јас сум израснат овде. Куќата од камен е изградена од моите предци, има два спрата и визба. Колку што се сеќавам пораснав во големо семејство – тогаш беше жив и мојот прадедо и заедно со баба, дедо, моите родители, тетки, живеевме тука.
Убав живот се живееше тогаш. Можеби немавме луксузи како сега, но се што јадевме и пиевме го произведувавме сами. Се живееше од земјоделие и сточарство. Произведувавме за себе и за продавање.
Но, како што одминуваше времето, техниката и воопшто животот напредуваше и татко ми реши да се преселиме во најблискиот град. Сакаше јас да одам на училиште и тој да работи во фабрика.
Куќата на крај остана празна и ретко одевме да ја посетиме. Животот си течеше и ме донесе повторно овде иако живеев пристојно во убава куќа со брат ми.
Со малку реновирање на собите и докрпување на покривот, живеам многу хармоничен живот. Сам живеам, но за ништо не го менувам овој живот. Можеби некој ќе ме осудува заради мојот избор, но се дури јас сум задоволен никој не може да ми се меша.
Сега сум во пензија, инаку поштенски службеник и женет со едно дете. Ме остави жената на времето и со синот замина и се прежени. Мислам дека овој мир ми е лек за се што проживеав, не сакам ни да се потсетувам.
Можам да избројам колку пати синот дојде да ме види, но немам друг избор, утеха си наоѓам во добитокот, планината и чистиот воздух. Ги нема луѓето и соседите околу мене, не се плашам од ништо.
Ми беше скиснато веќе од луѓето и од нивната злоба, вака се оддалечив и само повремено слегувам во градот докај брат ми или на пазар. Тука си чувам 4 кози, 10 кокошки, коњ, си имам две кучиња и не се грижам за ништо.
Имам малку рамница во дворчето и си го садам со зеленчук, така што секогаш имам доволно храна во подрумот. Воопшто не се каам што пред 5 години се вратив тука. Си го пронајдов мирот.
Ми се смеат роднините кога ќе слушнат дека и по 3 – 4 денови не сум излегувал заради снежна бура, сум чекал сонце да огрее за да го подрастопи. Тие што не доживеале не знаат колкава промена носи ваквиот начин на живот.
На страна од луѓе, стресни ситуации, понекогаш вклучувам телевизија од досада, но гледам да го избегнувам. Ретко доаѓаат луѓе овде, можеби на излет некои, но ретко.
Најважно ми е да го поминам остатокот од животот во мир и ништо друго не ме интересира. Доволно неубава судбина имав, не можам да се нервирам повеќе. Секој што има желба воопшто да не се двоуми да замине на планина, ќе го искуси најубавото што природата ни го дала“.
Автор: Д.С. Фото: Илустрација
Авторски текст кој не смее да биде превземан без дозвола од Кластер.мк