Се нудат бесплатните едукации и добрите услови но нема кој да работи, а потребата секојдневно се золемува

  • By admin
  • јуни 6, 2021
  • 0
  • 614 Views

Потребите од негуватели на стари лица во Југоистокот секојдневно се зголемуваат, но мал е бројот на оние кои сакаат да се занимаваат со нега во домот.

И покрај бесплатните едукации и добрите услови што им се нудат нема доволен интерес за оваа работа. Според анализите на Општинската организација на Црвениот крст од Струмица моментално недостасуваат околу 50 негуватели кои после соодветната обуката веднаш би биле ангажирани на терен.

„Околу 50 луѓе најмалку за да може да бидат обучени во обуките кои би траеле два до три месеци за да бидат сертифицирани даватели на услугата помош и нега во домот.

Кога го проектиравме како бројка колку лица би обучиле првично мислевме дека тоа постепено ќе се развива како услуга, меѓутоа наеднаш ја увидовме и големата потреба од тоа за да се вклучат повеќе лица кои би се обучиле за да можат до крајот на годината да започнат со испорака на самата услуга“, вели Маријана Тошева – секретар на Црвен крст – Струмица.

Проценките покажале дека во моментов има околу 1000 лица кои имаат потреба од нега во домот. Освен оние кои услугата треба да ја добиваат преку Министерството за труд и социјална политика, се поголем е бројот на стари лица кои изразиле интерес негата да ја користат како комерцијална услуга и за која ќе платат приватно.

„Бројот на лица кои што може да ги користат ваквите услуги преку министерството за труд и социјална политика е е исто така голем.

Меѓутоа има и голем број лица кои што сакаат приватно, комерцијално да ги користат услугите заради тоа што живеат сами, повеќе време се без поддршка од семејството или од брачниот другар.

Така да мислам дека во микро регионот на Струмица,сега го развиваме со целиот Југоисточен плански регион, околу 1000 лица без проблем може да ја користат ваквата услуга“, вели Маријана Тошева – секретар на Црвен крст – Струмица.

Поради големата потреба од оваа услуга, од струмичкиот Црвен крст велат дека повикот за негуватели ќе остане отворен и на него може да се пријават сите полнолетни лица, без ограничување на возраста.

Од таму потенцираат дека ова во иднина може да биде и нивна професија бидејќи оние кои ќе ја завршат обуката работно се ангажираат со соодветен финансиски надоместок.

Целата сторија со видео прилог може да ја проследите на Сител Тв.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *