Селекторот Ангеловски по големата победа над Германија: Ова е за мојата сопруга која е болна

  • By admin
  • март 31, 2021
  • 0
  • 1351 Views

Македонската фудбалска репрезентација напиша историја вечерва во Дуизбург и ја победи најтрофејната фудбалска нација Германија со триумфот со 2-1, за втора победа во овие мундијалски квалификации и најголем триумф во историјата.

Зашто четирикратниот светски и трикратен европски првак е првата светска велесила која успеваме да ја победиме во нашата фудбалска историја.

Елиф Елмас на седум минути пред крајот ја реши Германија и обезбеди победа за вечно паметење, како круна на херојската и јуначка игра на црвено-жолтите, откако претходно Горан Пандев во првата минута од судиското надополнување во првиот дел донесе водство, а Илкај Гундоган по еден час игра израмни од пенал, откако судијата Сергеј Карасев едвај чекаше да свирне на белата точка.

Елмас ја исправи и неправдата вечерва, зашто Карасев не виде чист пенал по играта со рака на Емре Џан, но остана нем, па на крајот Македонија заслужено победи за да стигне до шест бода и да се израмни со Германија со бодовното салдо по три кола во овие квалификации, но и да најави дека е максимално подготвена за дебито на Европското првенство.

Цели две децении Германија немаше загубено меч во мундијалски квалификации, а севкупно имаше само два и дојде Македонија во Дуизбург, па на најмоќната европска велесила во фудбал ѝ одржа лекција и ѝ нанесе пораз кој силно одекна во фудбалска Европа.

Само Португалија во квалификации за СП 1996 и Англија пред 20 години, во 2001 година во квалификациите за СП 2002 успеаа во историјата да ја победат германската машинерија, се до вечерва кога моќните Германци зарибаа против нас, а Горан Пандев и Елиф Елмас со два гола ни донесоа триумф на векот.

Инаку ова е прв пораз на Германија после 14 години во сите квалификации, а Чепка е последна која триумфираше во 2007 година во европски квалификации со 3-0.


Македонија ги живее најсјајните моменти во својата репрезентативна историја. Победата во Дуизбург од 1-2 има име и презиме – Игор Ангеловски. Македонскиот селектор на прес-конференцијата победата ја посвети на сопругата, која се бори со ковид-19.

„Морам да кажам дека мојата сопруга е болна од коронавирус, додека јас сум овде. Така што морам да кажам дека оваа победа е за неа, за моите деца, тие се мојата најголема поддршка. Исто и за целиот медицински персонал кој се бори со кризата“, рече нашиот селектор.

Ангеловски испиша историја, а покажа и дека Македонија е најсилна против најсилните. Така, ремито во Торино против Италија не е повеќе наш најголем подвиг. Победата во Дуизбург вечерва е историски подвиг број еден и прекин на серијата од дваесет години без пораз на Германија во квалификации за Светско првенство.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *