Големата Германија на колена пред Македонија: Победа за историја

  • By admin
  • март 31, 2021
  • 0
  • 755 Views

Македонската фудбалска селекција напреви вистинско изненадување откако во гости славеше над големиот фаворит Германија.

Првиот дел од првото меѓусебно соочување на Германија и Македонија мина во знакот на доминација и неколку шанси на четирикратниот светски шампион, но и една супер-закана и водство со гол во надополнувањето на македонската селекција (0-1).

Адеми и Велковски се вратија во стартниот тим, а Трајковски го зазеде местото на Несторовски во шпицот на нападот. По првите 7-8 минути, во кои се испитуваа силите, Хаверц и Горецка комбинираа, а шутот на фудбалерот Баерн заврши во пречката од голот на Димитриевски.

Топката повеќе ја имаа Германците, а Македонија имаше за цел да го одбие првиот бран на напади на избраниците на Лев. Првата убава наша акција ја креираа Адеми и Алиоски во 23. минута, но Трајковски задоцни и пропадна ветувачка акција.

Две минути подоцна Германија креираше убава акција по левата страна, Гнабри добро биеше по земја, но Столе Димитриевски со нога интервенираше.

По половина час германската селекција ја креираше трета голема шанса за водство. По акцијата по левата страна, тежиштето се префрли десно, Гнабри од 5-6 метри оддесно силно распали и топката заврши неколку метри преку пречката.

Во 40. минута Марк Андре Тер-Штеген спречи македонско водство. Алиоски изведе слободен удар, од позиција на скратен корнер, Адеми ја пропушти топката, а голманот на Барса рефлексно ја исфрли топката во корнер.

Кога сите очекуваа крај на првиот дел, германската одбрана потфрли, а по ударот на Барди, топката стигна до Пандев, кој од непосредна близина го матира Тер Штеген (0-1).

Фудбалската репрезентација на Германија на стартот на вториот дел изедначи против Македонија (1-1) со гол од пенал.

При една акција во 61. минута, Езџан Алиоски тргна да блокира со лизгачки старт, ама имаше минимален контакт со Лерој Сане, па главниот судија од Русија не се двоумеше и покажа на белата точка.

Одговорноста ја презеде Илкај Гундоган кој шутираше во средината на голот и го надмудри Столе Димитриевски кој скокна на десната страна од голот.

По еден корнер на Енис Барди, со рака на првата статива играше Емре Чан. Тоа не беше санкционирано од страна на главниот судија, кој одмавна со рака. Наместо тоа, поради протест му покажа жолт картон на капитенот Горан Пандев.

А во 85 минута нов ладен туш за „панцирите“ – Елмас го матираше Тер Штеген за 1-2 што на крај се покажа како и конечен резултат.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *