Пописот, наместо од 1 до 21 април, да се одржи од 5 до 30 септември (25 дена), а локалните избори, наместо во првата половина на октомври, да се одржат во втората половина од тој месец е договорот што го постигнале лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски на денешната тет-а-тет средба во Клубот на пратеници.
За ова информираше Мицкоски, по завршувањето на средбата, посочувајќи дека е постигнат договор и за измени на Изборниот законик, така што уште утре во Собранието ќе почне постапката во врска со набавката на скенерите за отпечатоци од прст.
Како што рече Мицкоски, биле отворени и прашањата за избор на градоначалник во еден круг, како и за гласање на дијаспората на парламентарни и на претседателски избори надво од ДКП.
Од ВМРО-ДПМНЕ ја оценуваат средбата како успешна, а Мицкоски исто така најави деблокада на парламентот, посочувајќи дека опозицијата ќе работи во Собранието заедно со мнозинстото за сите закони кои произлегуваат од ЕУ-агендата, како и за реформските и законите за поддршка на стопанството.
По лидерската средбата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека постигнале договор за одложување на пописот во септември.
– Се согласивме дека по процесот на имунизација на населението и попишувачите што е многу важно ќе се случи пописот и затоа се договоривме истиот да биде одложен за месец септември, како можен период да биде од 5-ти септември до 30-ти септември.
Апликацијата на која што се евидентира дијаспората да остане активна до физичкото завршување на пописот, локалните избори наместо на првата половина од октомври да бидат одложени за втората половина од октомври, кажа Мицкоски по лидерската средба
Заев истакна дека со ова се отвора можност за дијаспората да може да се попише до 30 септември и упати со сите членови во дијаспората да ја искористат оваа прилика.
-Упатувам порака до граѓаните дома, ова е важна статистичка операција. Сега ја имаме и најголемата опозициска партија овде. Верума со тоа ќе се согласат и албанските опозициски партии, испраќам порака до Левица, до сите граѓани да се попишат, рече Заев.
Дијаспората почна да се попишува и ред е да де верификуваат досегашните податоци и даваме континуитет до 30 септември, рече Заев и додаде дека физичкото попишување е поризично и затоа дале простор за помасовна имунизација на населението па физичко попишување.
Заев нагласи дека во пописот се попишуваат сите граѓани кои имаат македонско државјанство и истакна дека нема да може да се попише оној кој нема македонско државјанство.
Додаде дека кампањата за локалните избори ќе почне по 30 септември, со цел во втората половина на октомври да се одржи првиот изборен, а во ноември вториот.