Германија вакво нешто за доселениците не памети 10 години

  • By admin
  • март 30, 2021
  • 0
  • 994 Views

Државите кои ги мачи проблемот со „одлив на мозоци“ барем имаат некаква утеха во време на пандемијата: Германија одамна нема евидентирано толку мал пораст на странци како во 2020 година, особено од земјите кои не се членки на ЕУ.

Странците и натаму доаѓаат да живеат во Германија и во земјата и натаму ги има многу. Германскиот завод за статистика, според податоците на Централниот регистар за странци, на крајот на 2020 година евидентирал дека во Германија живеат 11,4 милиони луѓе со документи од некоја друга држава.

Нивниот број така е зголемен за 204.000 лица, што е раст од само 1,8 отсто. Последен пат толку мал раст е забележан пред 10 години.

И нивната флуктуација продолжува: во годината на коронавирусот пристигнале 740.000 странци, а заминале 479.000. Тоа во вкупен збир изнесува околу 262.000 лица.

Во 2019 година растот изнесуваше дури 377.000 странци, што значи дека миграцијата во Германија всушност се намалила за 31 насто.

Најголемиот пад на дојденци не се однесува на државјаните од ЕУ: тие пристигаат помалку или повеќе во ист број. На крајот на годината е забележан раст на бројот на граѓани од другите држави од ЕУ од 107.000 лица, што е 2,2 отсто, значи речиси исто како и во 2019 година (2,3 насто).

Од друга страна, растот на бројот на граѓани од државите кои не се членки на ЕУ опадна од 3,3 насто во 2019 година на 1,5 отсто во минатата година.

Вкупно, новниот број се зголемил за 147.000 лица, што е речиси половина помалку: минус од 44 насто. Статистичкиот завод не навлага во тоа која е причината за оваа појава, а податоците објавени минатата недела сѐ уште не ја содржат структурата на оние кои доаѓаат и оние кои заминуваат: нивната старосна возраст, ни стручната спрема.

Сепак, изненадувачки е тоа што и во годината кога економијата забележа сериозен пад поради пандемијата, сѐ уште во Германија пристигнале толку многу странци.

Објаснувањето, можеби, лежи во изјавата на потпретседателката на германската Канцеларија за миграција, Андреа Шумахер од 2019 година, кога тогаш констатираше оти сѐ помалку луѓе доаѓаат во Германија поради хуманитарни причини, туку дека тоа пред сѐ се оние кои доаѓаат да работат или да се школуваат.

Единствена занимливост на која укажуваат статичарите е бројот на странци од Кина и од САД: за првпат по долги години повеќе државјани од овие земји заминале од Германија отколку што дошле.

Сепак, тоа е многу мала група странци во Германија, а нивниот број е реално намален за околу 3.000 лица.

Извор: Дојче веле на македонски јазик.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *