Бочварот Миле од Крушево и на 85 години работи: Толку ќе биде, јас ќе завршам, нема кој да наследи

  • By admin
  • мај 7, 2021
  • 0
  • 1224 Views

Некогаш полна со работилници, крушевската чаршија денес е речиси празна. Сепак, 85-годишниот бочвар Миле, иако последен во градот, сè уште го работи занаетот што се пренесувал од колено на колено и ѝ пркоси на модернизацијата.

Звукот на чеканот врз наковалната веќе со генерации одекнува во малата бочварска работилница во Крушево. Во неа до ден денес неуморно работи 85-годишниот Миле Талески. Бочвар кој седум децении го одржува во живот занаетот од неговиот прадедо.

Четврто поколение. Прадедо работел, татко работел, брат работел и јас работам. Четврто поколение“, ни објаснува чичко Миле.

Од некогаш богатата чаршиска улица во Крушево, бочварската работилница стои последна и му пркоси на модерното време.

„Занаетите се во изу мирање. Во оваа улица, од скаливе, до продавницата горе, имаше 60 дуќани. Сега, саде јас останав“, вели стариот бочвар.

Некои од алатите во неговиот дуќан се толку стари што кријат цела историја во себе. Тука, како што вели бочварот, во илинденскиот период било издлабено и црешовото топче.

„Сврделот со кој го правеа црешовото топче го подарив во музејот“, се потсетува чичко Миле.

Свесен е дека денес работите не се како порано. Токму празнењето на селата си го сторило своето.

„Во тоа време селата беа полни со луѓе и работевме за селата. В село му требаше, каче за сирење, за месо, за изварка. Секоја фамилија по седум осум качиња имаше. Но, селото беше полно со луѓе. Сега селата се празни“, вели мајсторот.

За среќа на мајсторот, сè уште се наоѓа по некој купувач за дрвено буре. Но, намената е претежно за ра кија.

„Правиме мали буренца за ра кија. Кога е во буре е многу убава“, ни објаснува чичко Миле.

Стариот бочвар стравува дека неговиот занает ќе исчезне. Тагува што младите генерации не се заинтересирани да го научат.

„Толку, ќе завршам јас, ќе заврши и занаетот. Нема поколенија. Децата не сакаат да учат занает. Едно време учеа занает. Сега, факултетите и ајт, бегај“, вели со тага стариот бочвар.

Не верува ниту дека некој би ја сочувал таа дејност како културен белег.

„Не гледам некој начин да може да опстане. Тоа може само, како да речам, некоја задруга да има, па да ги прифати.. Не, не може. Тоа е завршена работа“, истакна бочварот.

Изгледите дека занаетот ќе опстои се мали, но сепак бочварот Миле не се откажува. После разговорот со нас, со насмевка ѝ се врати на работата.

Целата сторија со видео прилог може да ја проследите на Гласот на Америка на македонски јазик.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.