Пристига убава вест од Германија за сите Македонци што планираат и сакаат да работат таму

  • By admin
  • март 31, 2021
  • 0
  • 1130 Views

Во последната година во Германија се пристигнати многу помал број работници од Западен Балкан отколку во годините пред тоа поради затворањето на земјите како последица на пандемијата Но, потреба од нив и натаму има.

Западнобалканското правило придонесе прилично за подобрување на конјунктурата во градежништвото, угостителството и здравството во Германија, констатира германската влада.

Во одговорот на прашањата поставени од пратеничката група на либералната партија ФДП во врска со Западнобалканското правило, Владата информира дека пандемијата не ја запрела потребата од работници од државите од Западен Балкан (Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија) кои на овој начин доаѓаат на работа во Германија, туку напротив – во делот на градежништвото натпреварот за персонал е дури и зголемен.

Но, поради затворањето на земјите како последица на пандемијата на коронавирусот, во последната година во Германија се пристигнати многу помал број работници од Западен Балкан отколку во годините пред тоа.

Иако германската Сојузна агенција за труд во 2019 година дала согласност за 62.334 вработувања врз основа на Западнобалканското правило, поради ограничениот капацитет на германските амбасади и конзулати во регионот, издадени се само 27.259 визи.

Од почетокот на годинава направени се мали измени на Западнобалканското правило. Тоа е продолжено до 2023 година, меѓутоа, за разлика од претходно, сега има ограничување во делот на бројот на лицата кои на овој начин може да влезат и работат во Германија, и тоа на 25.000 годишно.

Притоа, за македонските граѓани се „резервирани“ 4.750 работни места или 19%, исто толку за албанските граѓани, како и за граѓаните на Босна и Херцеговина.

Граѓаните на Србија би добиле 4.250 работни места или 17%, а на Косово дури 5.500 места, односно 22%. Најмалку работни места се предвидени за Црногорците – 1.000 или 4%. Распределбата на контингентите по земји се преиспитува секоја година и по потреба се прилагодува.

За актуелната распределба е постигната согласност меѓу германските министерства за труд и социјала, за внатрешни работи, за економија и за надворешни работи. Притоа предвид се земени бројноста на населението, бројот на обработени визи во 2018 и 2019 година, како и бројот на поднесени барања за термин во амбасадите.

Досега, врз основа на Западнобалканското правило, се издадени 97.635 визи за граѓани од Западен Балкан. Сојузната германска влада нема сознанија колкумина од нив навистина дошле на работа во земјата. Во периодот од 2015 до 2020 година, најмногу визи се издадени во 2017-та (25.341), а најмалку во пандемиската 2020-та (5.188).

Притоа, кај граѓаните од Македонија најголеми бројки има во 2019. година, кога визи биле издадени на 6.425 лица. Минатата година пак во Скопје биле издадени само 1.291 визи за луѓе кои во Германија доаѓаат на работа врз основа на одредбите на Западнобалканското правило.

Извор: Дојче веле на македонски јазик

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.