Владо: Кога во Македонија ќе ми останат 1000 евра настрана, веднаш би се вратил од Швајцарија

  • By klaster3
  • јуни 10, 2022
  • 0
  • 921 Views

Преку глава ми е веќе од слушање на разноразни муабети за нас гастарбајтерите. Не дека јас сум сакал некогаш да се иселам од родната земја.

Не дека сум сакал да се раздвојам од мајка и татко и уште на мои 22 години да заминам во туѓината. Тогаш во тоа време не беше баш лесно да се оди.

Од една страна фамилијата те спречува, од друга страна не беше толку масовно иселувањето, побавно одеше процедурата. А сега, сега родителите сами ги тераат децата.

Нормално дека ќе ги тераат да си заминат од таа (не)држава. Се знае на која група граѓани само им е убаво да живее долу – на тие што имаат корист од партиите.

Неретко читам по медиумите млади, квалитетни, образовани луѓе се приморани да бараат работа по сендвичари, по фабрики, по хотели надвор од Македонија зашто не им е ценет ни платен трудот таму.

А и како би бил, кога секогаш има некој кој треба да се вработи пред тебе. На времето ние не заминувавме толку од лош ото раководење на државата, туку од немаштија.

Сакавме куќи да градиме, двајца браќа дома, родителите земјоделци, за што попрво..Моравме да се иселиме и двајцата, моите еден по еден си заминаа тагувајќи по нас.

Веќе 27 години поминаа откако се иселив. Прво заминав во Италија да работам на лозјата, а после ми се укажа прилика и заминав во Швајцарија зашто Италија веќе не ми правеше ќеиф.

Некогаш среќата сама ти ги отвара вратите и една по една можностите се редат. Работев разни занаети се дури не се „закотвив“ како автомеханичар, си најдов сопруга Македонка, се одомив и си го наредив животот.

Од страна луѓето сенешто знаат да префрлаат, ама само тој што заминал во странство знае колку е тешко на почетокот. И без пари сум бил во џебот дури не се снајдов за да дојдам до поголема плата.

Е сега затоа си уживам, и фамилијата и куќата, се ми е тип-топ подредено и немам гајле. Висока плата земаме и јас и сопругата, децата уште малку ќе станат полнолетни и тие сами ќе можат да си заработуваат.

Колку и да велат дека тука има големи трошоци, точно дека има, ама еве на пример, ако и јас и сопругата земаме барем минимална плата тука, а тоа не се случува, секогаш имаме и за основните потреби, даноци, сметки, храна, но и за луксуз.

Секој месец одвојуваме за да купиме брендирана облека, очила, часовници, патики, да одиме на викенд, и пак да тргнеме барем 1.000 евра настрана.

Епа, кога во Македонија барем една година ќе ми останат по 1.000 евра настрана месечно, е тогаш би се вратил да живеам и работам таму!

Обработил: А.Л. Фото: Илустрација

Авторски текст кој не смее да биде преземан без дозвола од редакцијата на Кластер.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.