Како гром од ведро небо одекна веста попладнево дека Сашо Мијалков сепак се појави и е достапен за надлежните органи.
Тој во изјава за ТВ 24 кажа дека не бегал, туку бил во изолација поради температура и главоболки, нешто во кое многумина не веруваат дека се вистинските причини.
Сашо Мијалков добил дојава дека членови на неговото обезбедување, но и семејство, ќе се соочат со одговорност за помагање во неговото бегство, неофицијално дознава Фокус.
Покрај тоа, добро упатени извори велат дека Мијалков дознал оти сметките на членови на неговото семејство и нивни компании ќе бидат блокирани, движниот имот ќе биде запечатен, а недвижниот имот пломбиран, што го натерало да се појави во обвинителството и да го подигне решението со кое му се определува куќен притвор.
Инаку, информациите говорат дека тој цело време бил во Скопје и бил сместен во стан, каде најверојатно го однел член на неговото обезбедување со возило кое вчера беше донесено во полициска станица и врз кое се вршеа проверки.