Како што е познато, сцето на Верица Белчовска продолжи да работи и да живее во телото на 22 – годишно момче чиј живот поради срцева болест беше доведен под знак прашалник.
Цветко Стрезовски од Брвеница, татко на Иле Стрезовски, лицето на кое му беше извршена трансплантација, изрази голема благодарност до сите што на неговиот син му беше продолжен животот.
Водачот на тимот д-р Сашко Јовев изјави дека постоперативниот период добро се одвива. На прес-конференцијата на која говореа лекарите од тимот за трансплантација, беше речено дека успешно се извршени и трансплантации на бубрезите на два пациента, а дека втората операција била многу сложена.
Семејството Сапунџиеви од Кавадарци вечерва преку изјава за МИА се заблагодари за донираниот бубрег за нивниот 28-годишен син Блаже.
Мајката Форка рече дека сочувствуваат со семејството на младата девојка Верица Белчовска, која загина во сообраќајна несреќа, но изрази благодарност за хуманиот гест да ги подарат органите кои некому многу му значат.
– Трансплантацијата помина успешно. Добар е. Не не пуштија да го видиме, но не инсистиравме, важно е да е се во ред со него, докторите најдобро знаат како треба, рече мајката.
Таа појасни дека нејзиниот син одамна имал проблеми со здравјето, а нивна најголема желба била тие проблеми да се надминат.
-До деветгодишна возраст, пет години беше на дијализа. По деветтата година, јас му дадов еден мој бубрег. Мојот бубрег траеше 18 години и после тоа откажа. Повторно беше една ипол година на дијализа, раскажа мајката со многу емоции.
Со денешната трансплантација, едниот бубрег го доби ова момче, а другиот беше трансплантиран кај 40-годишен пациент.
– Многу ми е жал за девојчето кое многу младо. Судбината сакала на ваков начин да ги поврзе нашите две семејства. Засекогаш ќе бидеме благодарни за овој хуман гест, а Верче ќе продолжи на некој начин да живее преку нашиот Блаже и преку другите на кои им се донираат нејзините органи, изјави мајката на Блаже Сапунџиев.