Статус на пастор Филип Иванов на својот профил на фејсбук:
Си праиме муабет со еден брат утрово и се смееме. Понекогаш луѓе мислат дека заради сè што правиме како црква, дека имаме некаков фонд од стотици илјади евра, па лесно ни е ваму и таму да помагаме, а всушност малкумина знаат како сето ова функционира.
Еве, еден од мал милион такви примери се случува изминативе неколку дена. За Проект Куќа со Кристина се заложивме да обезбедиме мебел, да платиме мајстори и да направиме уште неколку нешта за семејството тука во Велес. Дадовме капар за мебелот, а ни останаа за плаќање уште четириесетина илјади, плус сè друго.
Дента пред да треба да се доплати, во каса – нула. Се молам и си викам, „Господи, никогаш не си нè оставил да се посрамиме, верувам нема ни сега, ама рокот ни е до утре…“ Можам само да замислам како се смешка Христос кога му кажувам за моите рокови.
Пред да си легнам, си пишуваме со еден брат, со кој се немаме видено со месеци, за да се видиме на појадок. Он не знае колку мене ми „го ри под нозе“, ама ајде, добар појадок не може да штети.
Доаѓа во црква утрото, и пред да излеземе, вика чекај, ова е за црква за тоа што правите. Вади од новчаник, во наши пари шо би се рекло, илјада евра.
Погледнувам накај Крстот, се насмевнувам, и знам – Господ го стори тоа повторно, се погрижи на чудесен начин!
Ете, плативме сè, се средува станот, вчера го предаваме клучот. Но, во последен момент, ни текнува дека недостасува клима уред.
Се јавувам кај еден човек од црква што работи со тоа и прашувам што може да направиме. Ми кажува дека пред неполни два саати му се јавиле да демонтира нова и скапа инвертер клима, и дека човекот ја дава за третина од тоа што ја платил.
Ја земаме, му велам, совршен тајминг, ама не кажувам дека ни тие пари (што треба да ги дадеме денес) ги немам и не знам од кај ќе ги добијам.
Утрово отворам пораки и гледам дека трет брат, оној со кој потоа се смеевме, без да знае за ситуацијава, пратил пари за нашата работа и тоа точно толку колку што ни треба за климата.
Ете драги мои, ете како функционира она што го прави црквата, од ден за ден, од секунда во секунда се случуваат такви мали и големи чуда за сè, за пакети храна, за лекувања, за народна кујна, за безброј нешта!
И по којзнае кој пат велам, ако човек сака да ја види Божјата рака на дело, нека се зафати со тоа да прави она што е близу до Божјото срце, и не знам како, и не знам кога, но сигурен сум дека ќе ја види Божјата грижа и Божјата сила! Слава на Бога!