Мустафа мора на црно да работи за да ја прехране фамилијата: Роден во Македонија, а нима ниту еден документ

  • By admin
  • јуни 4, 2021
  • 0
  • 843 Views

„Било што да работам ми бараат лична карта, јас лична карта немам. Да имам лична карта ќе ме примат, ми кажаа. Исто така немам ни здравствено осигурување, ни ништо немам“.

22-годишниот Суарези Мустафа е еден од 700-тините лица кои се невидливи за системот бидејќи не е запишан во Матичната книга на родени. Роден е во Македонија, тука се школувал, завршил за пекар, но нема ниту матичен број, ниту личен документ.

Единствениот официјален документ кој го добил од државата се свидетелствата од училиште во кои од непозната причина е заведено дека е роден на Косово.

-Освен свидетелство немам ништо. И кога ме фаќа полиција, јас им ги давам тие и ме пуштаат. Ме фаќа полиција, ме прашува „Зошто немаш лична карта?“.

Велам: „Немам лична карта“ – „Зошто немаш“?. Му реков – „Пуштим да ми дадат“ и ми одговори „Прави што ќе правиш, ако не си извадиш лична карта ќе те испратам до граница и не знам што ќе биде со тебе“, ми рече, вели Суарези.

Документи не поседувале ниту неговите родители, кои поради оваа причина заминале на Косово. Сега, истиот проблем го имаат и неговите две малолетни деца.

Суарези од 2018-та година води постапка за да извади лична карта, но уште чека. Во меѓувреме, се снаоѓа работејќи на црно за да ја прехрани фамилијата.

Невладините организации кои работат на терен за мапирање на т.н. фантоми велат дека токму тоа е најголемиот проблем.

-Имаме лица кои не поседуваат лична документација и тие се генерациски проблем. Што значи дека тие лица кои го имаат тој генерациски проблем нивниот татко, мајка, дедо наназад неколку години не поседувале лична карта ниту пак никаква документација и сега овие деца од оваа генерација се соочуваат со истиот проблем, вели Бесник Сулејмани, активист во НВО „Амбрела“.

Според официјалната статистика, вкупно 659 лица не се евидентирани во матичната книга на родени. Невладините организации предупредуваат дека оваа бројка е поголема.

Од Канцеларијата на народниот правобранител вчера објавија извештај, според кој 70 отсто од овие лица не поднеле барање за да добијат документи.

Оттаму бараат да се упрости постапката за евидентирање на фантомите за овие лица да можат да имаат истите права како и сите граѓани на Македонија.

Целата сторија со видео прилог може да ја проследите на Сител ТВ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.