Мери Попова долгогодишната шефица на Македонската евровизиска делегација, која традиционално ги избегнува новинарските прашања од јавен интерес по повод музичкиот настан, конечно застана пред камери.
Таа гостуваше во емисијата ,,Бекстејџ” каде делумно одговори на поставените прашања во врска со Евровизија 2022.
Попова појасни дека дошла на местото прв човек на делегацијата со над 30-годишно искуство, како вработена во забавната редакција на МРТ.
„На ова место сум со 32, 33 години искуство работа пред се во забавната редакција на МРТ. Сега и уредник на култрурно уметничка програма“
На прашањето колку ја чини нашата земја учеството на Евросонг, таа вешто го избегна одговорот.
-Јас знам, но тоа не е во мој домен да го кажувам. Граѓаните можат да проверат на инфо страницата на МРТ, ако некој го интересира, може во секое време да провери.
Ние сме транспарентни, се што имаме да соопштиме, го правиме тоа преку нашиот јавен сервис. Тоа е се што можеме и граѓаните треба да го знаат, јас мислам дека сме фер и транспарентни– појасни Попова.
Околу тоа која е стручната комисија која одлучи кој влегува во игра за Евровизија годинава, појасни дека станува збор за луѓе кои со години се занимаваат со забавна музика, академски музички образовани водители на емисии, кои се компетентни.
Инаку, комисијата која ги избра шесте кандидати за Евросонг 2022 е во состав од Мери Попова, Јана Бурческа, Александра Јовановска, Зоран Мирчевски, Билјана Николовска, Маја Трпчановска и Ардита Имери.
За сумата која се одвојува од буџетот за учество на Евровизија, единствено пред три години со конкретни цифри се огласи Анета Андонова, главната уредничка на Првиот програмски сервис на МРТ.
Таа тогаш за ,,Фокус” изјави дека буџетот за Евровизија и за Детска Евровизија на годишно ниво изнесува околу 114.000 евра, со отстапки кои не треба да се повеќе од 10 проценти, и според неа, односно дека се трошеле помалку од 150.000 евра за настанот.
-Котизација за Детски Евросонг (која чини околу 310.000 денари ) и котизација за Евросонг (која чини околу 2.264.060 ден). Останатите средства се користат за покривање на авторските дела (композиции, текстови, аранжмани), видео спотови, патните и други трошоци за делегациите кои не претставуваат на двете манифестации ( Детски Евросонг и Евросонг)-своевремено појасни Андонова.