Предноста на сламата и калта како материјали за изградба е повеќекратна. Лесно се достапни, здрави, одржливи и природни, економски оправдани.
Ги исполнуваат сите критериуми, но и термички услови бидејќи сламата е одличен изолатор, а калта е многу добар топлински акумулатор. Во синергија, тие совршено се совпаѓаат.
Ова го кажува Лехел Хорват од Суботица, градежен инженер и универзитетски професор покрај куќа од слама и кал што се гради во селото Шушњар на имотот на семејството Ѓурѓевиќ. Овој тип на градба не е типичен за оваа област, пренесува Блиц.
– Кога размислувавме каква куќа да изградиме – дрвена, монтажна, класична конструкција, идејата на жена ми беше да изградиме куќа од слама. Сакавме нешто необично.
Отидовме во Шабац кај млад брачен пар кој има таква куќа, ни се допадна и тргнавме да ја реализираме идејата – велат Иван и Љиљана Ѓурѓевиќ, сопствениците на куќата.
– Првично сакавме да изградиме помала куќа, но бидејќи имаме четири деца немаше да имаме доволно простор. Слушнавме дека ваквата изградба на куќи е нешто поевтина, но никој од околината немал искуство со тоа – вели Љиљана.
– Од 2012 година се занимавам со еко градба, исклучиво традиционална изградба на куќи од кал и слама. Нашите села се празни, но луѓето се разбудија и сега има се повеќе луѓе кои сакаат да живеат во селата – вели професорот Хорват.
– За некои тоа е мода, а за некои искрена определба. Многумина не знаат што значи слама и кал во денешно време. Не е како пред илјада години. Ова е помодерен начин на користење на тие материјали.
– Ѓурѓевиќ купиja балирана слама од соседната нива, па немаa транспортни трошоци. Балираната слама со дебелина од 50 цм е моќна изолација и го изолира просторот со замена на ѕид од 25 см. Почвата од имотот се користи за калта- вели Хорват.
– На оние кои сакаат набрзина да изградат ваква куќа им советувам да не влегуваат во таа авантура. Најдобро е да се направат планови во зима и да се чека дозволата (два или три месеци), а на пролет да се постават темелите на куќата и покривот.
Сето тоа треба да го завршите до јуни бидејќи на почетокот на јули пристигнува нова слама. Ако барате стара слама на пролет, таа ќе биде двојно поскапа.
Во август се градат ѕидови и се нанесува кал. Првиот тенок слој се суши за три дена, вториот се нанесува за израмнување, третиот за згуснување. Пред завршниот слој доаѓаат електричарите, ги поставуваат каблите, а на водоводот се работи паралелно.
Потоа таванот, во септември прозорци и врати. Не ви требаат радијатори бидејќи куќата од слама е енергетски ефикасна. Во лето не ви треба клима бидејќи има многу кал во ѕидовите, ноќе се лади – објаснува Хорват.
– Почнавме да градиме пред две години, цените скокнаа. Не знам колку ќе чини се, но ќе биде поефтино од класичната градба. Според пресметките, ќе биде за 20 отсто поевтино во однос на цената на класичната градба – вели Иван Ѓурѓевиќ.