Горан Пандев беше на терен до 68. минута на натпреварот против Холандија, а кога доби сигнал за измена, следеше емотивен момент за секој Македонец кој го сака фудбалот.
Најдобриот македонски фудбалер беше заменет и на негово место влезе Тихомир Костадинов. Додека го напушташе теренот, Гранде Пандев доби „шпалир“ од целиот тим и овации од стадионот. Исто така аплаудираа и холандските фудбалери.
Предовникот на македонската фудбалска селекција и воедно капитенот, Горан Пандев вчера го одигра последниот натпревар за македонската репрезентација. Неговото испраќање го обиколи светот, но во сенка на 122-от настап на струмичанецот минаа уште две простувања.
Станува збор за Крсте Велкоски и Иван Тричковски, кои се меѓу највозрасните во оваа селекција, предводена од капитенот. Тричковски постигна и погодок при 0-0, но истиот беше поништен заради недозволена позиција. Крсте Велкоски беше еден од ретките кои не добија шанса на првенството.
Последен пат на клупата на нашата репрезентација седеше и Игор Ангеловски, кој заминува на 31 јули на крајот од својот договор на шест месеци, кој беше продолжен во јануари годинава.
Фудбалската репрезентација на Македонија денес загуби со 3-0 од Холандија и со три порази го заврши континенталниот собир.
Македонија ги заврши настапите на своето дебитантско учество на Европските првенства. Холандија покажа зошто ја имаше фаворитската улога во групата Ц и нè порази со 3-0, во натпревар во кој нашите избраници и покрај поразот одиграа одлично, мотивирано и пропуштија неколку изгледни шанси за погодок.
Овој меч беше посебен од многу аспекти, бидејќи не беше само последен за Македонија на Европското првенство, туку и последен за Горан Пандев.
„Возбуден сум и благодарен за цела Македонија. Дваесет години носење на овој дрес беше посебна чест и гордост. Одигравме добро првенство, но ни фалеше тоа искуство. Ни фалеше многу малку за да направиме добар резултат. Вечно ќе се сеќаваме на овие денови.
При стартот на Блинд добив удар, но Холандија е фаворит и домаќин и нормално судиите да се наклонети кон оваа селекција. Ние и на овој натпревар го дадовме максимумот, имавме два поништени гола, статива и уште неколку шанси. Но во вториот дел физички паднавме, а Холандија го искористи тоа.
Нема простор за враќање. На 38 години да играм на два фронта е претешко. Ќе навивам за овие момци и убеден сум дека ќе обезбедат пласман на Светско првенство“, рече Пандев.
Токму сега веќе поранешниот капитен го постигна и првиот исторски гол за Македонија на Европските првенства, против Австрија во рамките од првото коло од групната фаза.