Доцна во ноќта македонските кошаркари заминаа за Украина

  • By admin
  • ноември 28, 2021
  • 0
  • 288 Views

Во два часот по полноќ, македонскиот национален сениорски тим тргна на пат кон Киев каде веќе во понеделник го игра вториот натпревар од квалификациите за Светскиот Куп во 2023 година.

Со оглед на тоа што нема директна линија Скопје-Киев, нашите кошаркари ќе патуваат преку Виена, а во текот на утрешниот ден треба да одржат тренинг во „Дворецот на спортовите“ каде ќе се одигра дуелот со домаќинот.

Натпреварот помеѓу селекциите на Украина и Македонија е закажан за понеделник (29 ноември) од 19 часот по локално време (18 часот по средноевропско).

Двете репрезентации претрпеа порази во првите дуели од „Г“ квалификациската група. Во Скопје, Македонија загуби од Шпанија, а Украина од Грузија на гостински терен во Тбилиси.

На македонскиот селектор му е јасно дека градењето на репрезентацијата е долготраен процес, затоа и потенцираше дека конечниот исход не треба да биде пресуден во анализите за натпреварот.

„Пред се честитки на Шпанија за заслужената победа. Благодарност до публиката што дојде во голем број за да ни даде поддршка. Што се однесува до самиот меч, можам да бидам задоволен во голем дел од првото полувреме, но она што го најавив и пред мечот, Шпанците имаат квалитет и го докажаа тоа во вториот дел.

Генерално сум задоволен од првото полувреме, освен она што го барав од играчите – дека не смееме да брзаме и да ја губиме главата во нападот. Секогаш кога тоа ќе се случеше, противникот ги казнуваше нашите грешки. Шпанија влезе уште поагресивно во одбраната во второто полувреме, изнудија бројни грешки и стигнаа до убедлива победа.

Резултатот не е толку важен, овие момци што ги тренирам покажаа карактер, а некои работи и недостатоци не можеме да ги корегираме за така краток период. Битно е да почнеме да градиме стил на игра што ќе ја краси оваа репрезентација во наредните години, затоа велам дека резултатот не е пресуден“, изјави Бајиќ на прес-конференцијата по натпреварот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *