Во Германија голем недостаток на келнери и шанкери – неопходни им се што побргу

  • By admin
  • јуни 28, 2021
  • 0
  • 710 Views

Многу германски угостители и нивните гости едвај го поздравија ублажувањето на мерките што ја направија посетата на кафуле или ресторан практично невозможна од почетокот на ноември минатата година.

Прво, терасите беа отворени пред неколку недели, а со падот на седумдневната инциденца, повеќето ресторани сега ги отвораат затворените простории за гостите. Секако, сè е придружено со хигиенски мерки и мерки за следење на епидемијата, пишува ДВ.

Но, најголемата грижа за угостителите во моментот е недостатокот на персонал. Во Германија, повеќето келнери и шанкери ја вршеле оваа работа како дополнително вработување или работа со скратено работно време, покрај студирањето или училиштето.

Во месеците на целосно затворање, многумина се преориентирале кон други извори на приходи и многу од нив се изгубија неповратно како работна сила во угостителската индустрија. „Не можев да им кажам на луѓето:

Чекајте, бидете трпеливи додека не се отвориме повторно“, изјави сопственикот на еден ресторан во Келн за јавниот сервис АРД, објаснувајќи зошто голем број поранешни работници не се вратиле по заклучувањето.

Таа се жали дека е тешко да се најдат доволно луѓе за работа дури и ако преовладуваат нормални услови, и дека хигиенските мерки бараат дополнителен персонал.

„Некој мора да ги поздрави гостите, да ги однесе на маса, за сето тоа е потребен дополнителен персонал и чини пари“, вели овој угостител. Владее финансиска неизвесност, многумина не се сигурни дали ќе треба да ја вратат финансиската помош што ја добиле од државата.

Сето ова резултира со пораст на цените на угостителските услуги од, како што објави АРД, пет до десет проценти.

Многумина, и покрај државната помош во различни форми, не го преживеаја овој тежок период. Од средината на март, според здружението на германски угостители и хотелиери ДЕХОГА, 70 до 120 угостителски компании поднесувале барање за банкрот секој месец. Само до февруари, 120.000 работни места биле изгубени во гастрономијата и угостителството.

Во исто време, ДЕХОГА проценува дека државната помош, како еднократни финансиски исплати или програми за финансирање со скратено работно време, зачувала околу 50.000 угостителски компании.

Директорката на ДЕХОГА, Ингрид Хартгес бара подобра политичка поддршка за да не пропаднат повеќе угостители во случај на следниот пандемиски бран. „Треба да бидеме подобро подготвени за да се соочиме со евентуалниот следен бран“, изјави Хартгес за дневниот весник „Ноје Пасауер Пресе“.

Но, и покрај предупредувањата во индустријата, постои извесен оптимизам за претстојното лето. Многумина се надеваат на слична реакција од гостите, како што е забележано од туристичката индустрија: по повеќемесечна жртва, гостите се подготвени да посегнат подлабоко во џебовите и да си дозволат услуги што вообичаено не би си ги дозволиле.

Извор: Канал 5 ТВ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *