(ВИДЕО) Најмладите во Австралија потврдија дека се вистински промотори на македонските културно-уметнички традиции

  • By klaster3
  • август 17, 2022
  • 0
  • 246 Views

Македонците во Австралија важат за една од најголемите наши дијаспори во светот, а неодамна и пристигнаа бројки за тоа колку ја има.

Имено во Австралија живеат 111.352 граѓани со македонско потекло, покажа најновиот попис во оваа држава. Од нив, дури 66.173 изјавиле дека го зборуваат македонскиот јазик дома и покрај фактот дека некои од иселените што се таму се трета генерација.

Македонците во Австралија се можеби едни од ретките во дијаспората кои силно се решени да си ја зачуваат традицијата, јазикот, фолклорот, а тоа го покажаа уште еднаш.

Традицијата на негување и зачувување на македонското културно наследство во рамките на македонската заедница и успешно претставување пред австралиското општество продолжува.

Во организација на Федерацијата на македонските културно уметнички друштва на Викторија (ФОМКУД) на 13 август во Мелбурн се одржа традиционалниот Илинденски фестивал – 2022.

На фестивалот кој по две години пауза поради пандемијата со коронавирусот се одржа по 36 – ти пат, настапија сите осум културно-уметнички друштва од Мелбурн.

Најсреќни беа младите играорци бидејќи можеа повторно на дело да покажат дел од својот репертоар но и што можат во нормални услови да ги вежбаат своите кореографии по укинувањето на строгите рестриктивни мерки кои беа воведени порано.

Александар Николовски, кореограф во КУД “Танец” вели дека со нетрпение го очекувале фестивалот и додаде: “Покрај тоа што можевме да покажеме што сме научиле нешто ново, ова беше убава можност и за дружење меѓу младите играорци нешто што ни недостасуваше во последните две години”.

Успешно се претставија со своите ора подготвени од кореографите но и потврдија дека се вистински промотори на македонските културно-уметнички традиции не само меѓу македонската заедница туку и пред австралиското општество.

На долгогодишниот културно-уметнички работник и претседател на ФОМКУД, Коста Колевски, му беше врачена награда за животно дело за неговите заслуги во организирањето и водењето на ФОМКУД и успешното претставување на македонскиот фолклор во Австралија, пренесува СБС на македонски.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *