Бојан Трајковски: Јас сум оптимист, во секој поглед

  • By admin
  • февруари 12, 2021
  • 0
  • 751 Views

Не ги одиграа оние натпревари во „балонот“ во Талин. Сега, за една недела ги чека уште потешка работа. Нашите кошаркари ќе треба во пет дена да одиграат четири натпревари. Кој од кој поважен за реализација на плановите на водството на нашата најдобра селекција кои се граничат со појавување на уште едно Европско првенство.

Федерацијата се погрижи сето тоа да биде доста полесно. Обезбеди директен лет до крајната дестинација во овој квалификациски циклус – Перм.

За разлика од оние претходни подготовки, пред „балонот“ во Талин кои сакаме да ги заборавиме, сега имаме комплетен тим. Уште тука, во Скопје, селекторот ги има на располагање скоро сите играчи. Олеснителна околност е што експедицијата патува со чартер-лет за Русија?

„Како што го кажав тоа и претходно, пред патувањето во Естонија, прво сакам на сите во нашиот тим да им посакам здравје, да бидеме сите здрави и живи. Да излеземе сите ‘негативни’ како пред тоа патување во Естонија.

Што се однесува до организацијата, мислам дека таа отиде на малку повисоко ниво. Сигурно е дека тој чартер-лет ќе ни биде една многу олеснителна околност. Патувањето нема да трае 24.часа, нема да менуваме аеродроми, еден, два три, каде што ризикот да се заразиме е малку поголем отколку во оваа ситуација со директен лет до Перм. Се надевам дека сите ќе бидеме здрави и живи пред патувањето. Дека ќе направиме добри тренинзи, добри подготовки, па понатака, здравје боже, ќе видиме“.

Дали сметаш дека треба да форсираме од почетокот на собирот во Перм, а силите, енергијата да ги оставиме за дуелот со Естонија кој веројатно ќе биде решавачки за нашиот пласман на Евробаскетот?

„Непишано правило во спортот е дека секогаш кога се прават некои математики крајниот резултат никогаш не излегувал како што се посакува. Како и да е, ние од првиот натпревар со Италија, па се до оној со Естонија, ќе влеземе максимално подготвени. Со сите ќе играме максимално, па здравје боже, ако добиеме еден од првите три натпревари тогаш можеме да направиме некои калкулации да бидеме поодморени, посвежи за тој натпревар со Естонија. Но пак ќе кажам, не зависи се од нас. Може и Естонија да изненади и да победи со Италија или Русија. И на крајот математиките да останат само математики“

Внатрешната линија ќе биде засилена со уште еден натурализиран играч, Џејок Вајли, а свое деби ќе чека и највисокиот во овој актуелен ростер, Теодор Симиќ. Нè прави ли тоа доволно силни да ги оствариме амбициите во Русија?

“Со Вајли се знаеме доста подобро. Се запознавме со него во претходниот циклус, беше со нас во тој ‘балон’ во Естонија. Му посакувам да биде максимално подготвен, особено по ситуацијата во која влезе со неговиот клуб Гран Канарија во изминатиот период. Пред нас имаме десет дена во кои повторно ќе работиме заедно. Ќе се запознаеме уште подобро. Дечкото е феноменален, како личност, како играч. Ќе ни биде ид многу голема помош.

Тео, за него е најдобро, за почеток барем, што е тука. За играње, мислам дека нема да има некој поголем простор во Перм. Но најбитно е што е тука, затоа што од високите играчи од оние млади категории, отскокнува во однос на сите други. Се надевам дека ова ќе му биде некоја лекција постепено во годините што следуват, да дојде до она потребно играчко искуство од ваков тип, репрезентативно, и да биде идниот лидер и на сениорскиот национален тим“

Твоите очекувања од „балонот“ во Перм?

„Ќе се повторам дека треба добро да се подготвиме во овие десетина дена. Олеснителна околност е што со една организација на повисоко ниво од страна на федерацијата, ни е овозможено чартер лет. Добиваме на време, ќе бидеме одморени во Перм , и таму четири-пет дена да се подготвуваме . Секој натпревар ќе биде приказна сама за себе. Одиме подготвени на секој натпревар. Пак ќе кажам, математики нема да правиме. Се надевам дека сите мои сограчи размислуваат исто како мене за ова. Ќе влеземе максимално во секој меч.

Јас сум оптимист, во секој поглед. Дури сум оптимист уште за првиот натпревар на турнирот во Перм, со селекцијата на Италија. Затоа што во претходниот период не бевме комплетни. Затоа што сите овие последни седум-осум години како генерација не бевме комплетни. Се надевам дека сега тоа ќе биде така. И дека ќе дадеме максимум на крајот ќе се радуваме сите заедно, дај боже, на тоа европско првенство“ – вели Бојан Трајковски.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.