Додека Германија за време на Велигден главно беше во мирувачки модус, корона-центрите за тестирање работеа на многу места со полна пареа.
„Ќерката малку се плаши, направила тест во училиште и смета дека било малку непријатно“, вели Јута Пилс. Заедно со нејзиниот маж Андре, синот Стефан и ќерката Каролин, на Велигден ја сретнавме во тест-цетарот во Соест, град со 50.000 жители во Северна Рајна Вестфалија.
Семејството Пилс беше да се тестира на коронавирус за попладнето да се сретне со фамилијата за Велигден, па сакаше да се чувствува посигурно. Тие не се единствени во оваа желба.
Центарот за тестирањебележи експоненцијален раст на граѓани со желба да се тестираат. „Пред два месеци, кога почнавме, доаѓаа по пет-шест луѓе за брз тест“, се присеќава Паул Гринеберг, кој меѓу другото е одговорен и за ИТ на тест-центарот, се нарекува „девојка за сѐ“. За велигденските празници имале 3500 закажани термини.
ога го слушате Паул Гринеберг, имате впечаток како да станува збор за раководител во големо претпријатие. Ангажиран е дополнителен персонал, постои загриженост дека големата побарувачка за термини преку веб-страницата ќе ја загрози стабилноста на системот. Притоа, Паул Гринеберг има 16 години, тој е ученик и – моментно и менаџер. Тест-центарот е сместен во просториите на Извидничкиот сојуз.
Раководител на центарот за тестирање е Ралф Вишневски, инаку е пожарникар, санитарец за итна помош и доцент за итна медицина. Тоа стои на неговата интернет страница.
Тој врши обука и на млади луѓе и така го запознал Паул Гринеберг, со кого денес го води тест-центарот. И не само него. Ралф опслужува уште два центри за тестирање во регионот, училишта и градинки, а додава: „Работиме и со други институции, претпријатија, на трошок на фирмите вршиме тестирање.“
Тукушто набавиле и шатор, за да можат мобилно да тестираат што повеќе луѓе. „Имаме 35 работни места, од нив половината се со полно работно време“, вели Ралф Вишневски.
Се чини дека луѓето деновиве навалија на тестирање, онака како што посакува и политиката. Сѐ додека не можат да бидат вакцинирани доволно луѓе, интенцијата е да се тестираат во што поголем број.
Еднаш неделно секој има право на бесплатен тест, цената од 18 евра, колку што чини тестот, ја плаќа во тој случај покраината Северна Рајна Вестфалија.
Целата сторијата може да ја проследите на Дојче веле на македонски јазик.