Многу генерации израснаа со Македонски народни приказни кои се екранизација на голем број на македонски народни приказни собрани од собирачите на народни умотворби (Марко Цепенков, Кузман Шапкарев и други).
Овие кратки ТВ-епизоди беа снимени од страна на ТВ-Скопје, подоцна од МТВ во перидот од раните 80-ти, па сè до 2003 година. Досега се снимени околу 300 епизоди, не вклучувајќи ги новите епизоди.
Една од главните ликови по кои ги препознаваме е Шенка Колозова, сопругата на Ѓорѓи Колозов на чија фејсбук страна денес се појави честитка во која се вели:
Да и посакаме среќен роденден и уште многу години живот и дело на Шенка!
Царицата на македонските народни приказни, незаборавниот лик од детските тв серии и драми денес наполни 75 години!
Шенка Колозова е ќерка на Стоица и Катерина Димитрови (подоцна, Станојкови). Родена е на 1 февруари 1947 во Добрево, Пробиштипско. Дипломирала на Катедрата за јужнословенска книжевност при Филозофскиот факултет во Скопје.
Целиот работен век го поминала како професионална актерка во народните театри во Штип и Куманово, а подоцна и во Македонскиот народен театар од Скопје, каде се пензионирала.
Во кариерата одиграла над 100 премиери во трите народни театри, и уште 16 премиери со приватниот театар „Колозов“. Таа има одиграно повеќе од 6 000 претстави во овие три театри, не вклучувајќи ги и гостувањата во Велешкиот театар и други театри во Македонија.
Најзначајни театарски ролји на Колозова се во претставите „Свирачот на покрив“ , „За сите мои синови“, „Електра“ на Еврипид (во улогата на Клитемнестра), „Сè за градината“, „Печалбари“ и други.
Покрај актерството, таа е автор на бројни сценарија и драматизации, меѓу кои и Цепенковите народни приказни.