Двојно државјанство, обединување на семејствата за бегалците и повеќе можности за добивање виза – ова се само дел од ветувањата на партиите од новата германска владејачка коалиција.
Меѓу ветувањата дадени во коалицискиот договор на 177 страници, кои во средата ги објавија Социјалдемократите (СПД), Зелените и либералите (ФДП) е и радикалната промена на германските закони за државјанство и миграции.
„Сакаме нов почеток во политиката за миграција и интеграција, онака како што треба да биде во модерна доселеничка земја“, се наведува во текстот.
Поради рестриктивните правила за двојно државјанство, Германија има една од најниските стапки за двојно државјанство во Европа.
Конкретно, договорот ветува дека ќе дозволи двојно државјанство за доселениците во Германија, што е во моментот обично дозволено само за граѓаните на ЕУ и на Швајцарија, како и оти ќе ги забрза и поедностави барањата за азил и за дозволата за престој.
„Како коалиција, сакаме да подвлечеме црта под рестриктивната политика на азил во изминатите години и всушност да обезбедиме луѓето кои живеат тука за постојано и кои ќе останат тука, да добијат можност да го зацврстат својот престоен статус, да влезат на пазарот за труд, да имаат пристап до јазикот, и тоа неселективно“, изјави за ДВ Луизе Амтсберг, пратеничка од партијата на Зелените.
„Тоа се сите клучни работи кои се релевантни за модернистичка доселеничка земја и нудат промена на парадигмата“, нагласи таа.