Како што е познато голем број Македонци се решаваат да се иселат и среќата да си ја побараат во некоја европска или прекуоеканска држава.
Најмногу во псоледно време Македонците се селат во Германија, држава која стана дом на многу наши граѓани.
Бројот на работници во Германија од земји кои не се членки на Европската унија во изминатите 10 години се зголемил за повеќе од трипати.
Најновите податоци од Сојузниот завод за статистика покажуваат дека на крајот од 2021 година 295.000 од трети земји добиле временски ограничена дозвола за престој заради работа во Германија. Тоа претставува плус од 226% во споредба со 2011 година.
Најголем процент од работниците од трети држави дошле од Индија – 11%. Голем број работници имаат пасош на некоја од балканските држави.
Предничи Босна и Херцеговина со 26,3 илјади работници (11%), а потоа доаѓа Косово со 19,6 илјади (7%), Србија со 17,4 илјади (5,9%) и Албанија со 13,8 илјади (4,6%). Најмалку работници од Балканот имаат македонски пасош, односно 13,5 илјади (4,5%).
На листата со најголем број работници во Германија се наоѓаат и Кина (16,7 илјади) и САД (16,5 илјади), како и Турција (10,7 илјади) и Русија (9,4 илјади).
Речиси една четвртина од работната сила од трети држави во Германија дошле со т.н. сина карта, која им се издава на лица со високо образование кои имаат доказ за понуда на конкретно работно место.
Речиси половината од лицата со сина карта на крајот на 2021 година работеле во професии каде што има голем недостиг од стручњаци, како лекари или професии од ИТ-браншата.
Што се однесува до земјите кои се членки на ЕУ, во Германија најмногу работат луѓе од Полска (380 илјади), Романија (271 илјади), Италија (208 илјади), Хрватска (131 илјади), Бугарија (109 илјади) и Грција (108 илјади), пренесува Дојче веле на македонски јазик.