Градоначалникот на реонот „Средец“ во Бугарија евидентирал над 45 илјади странски државјани, коишто се најдоа и на избирачките списоци во земјата за претстојните избори, бидејќи поседуваат бугарски државјанства.
И не би било ништо чудно доколку не станува збор за Македонци, коишто се „станари“ на една иста адреса. Случајот го откри бугарската агенција БГНЕС, којашто објавува дека во избирачкиот список на најнаселениот реон во Бугарија има 1.000 страници и 45.752 имиња од кои најголемиот број на Македонци. Сите тие странци се заведени на истата адреса – улицата „Леге“ бр. 6 во Софија, на којашто се наоѓа управата на реонот „Средец“.
„Според законот, сите лица кои добиле бугарско државјанство, а живеат во странство, добиваат постојана адреса во зградата на администрацијата на реонот“, објаснува градоначалникот на „Средец“, Трајчо Трајков.
Според него, последните денови бројот на овие лица достигнал над 82 илјади. Тој вели дека често ги гледа луѓето коишто доаѓаат за некакви административни услуги, но гласачките ливчиња, како што било секогаш досега, ќе останат неискористени. Најголемиот број од лицата во списокот се со македонски презимиња кои добиле бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло.
Веста на БГНЕС само го потврдува деценискиот проблем со којшто се соочува Северна Македонија, откако голем број граѓани ширум земјата по заобиколни патишта, преку посредници и агенции успеваат да дојдат до бугарски пасош.
Притиснати од економската криза, со надеж дека ќе обезбедат работа или школување во Европа, многумина изминатава деценија посегнаа по резервниот план – со бугарски пасош да ги премостат европските граници. Социјалните мрежи се преплавени со страници кои нудат брзо и успешно вадење на бугарски документи.
Конкуренцијата е голема. На десетици страници, кои навидум делуваат дека се неактивни, всушност секојдневно се јавуваат граѓани коишто бараат информации како полесно да дојдат до документи. Посредниците, зад кои некогаш се кријат агенции, другпат поединци или групи со добри контакти во соседна Бугарија, за цена од 600 до 800 евра им нудат остварување на европскиот сон на многу македонски државјани.
Целата сторија проследете ја на Дојче Веле на македонски јазик.