Како што е познато бидејќи бројот на инфекции повторно расте, за Велигден нема да има ублажување на рестрикциите во Германија – напротив. Велигден практично е откажан. А, многумина се надеваа на кратко празнично патување.
Локдаунот поради вирусот во Германиј кој е од ноември, ќе биде продолжен за уште четири недели, односно до 18 април. Ваква одлука донесоа канцеларката Ангела Меркел и премиерите на 16-те сојузни покраини.
Патниците кои доаѓаат со авион во Германија треба претходно да направат ПЦР тест за вирус, гласи новата уредба на Министерството за здравство, која беше предвидено да се применува од денес, а пота беше одложена за од недела, со цел авионските компании да имаат време да се подготват.
Но сега пристига информација за ново поместување.
Обврската за тестирање доколку за Германија се патува со авион се одлага за два дена и ќе почне од вторник. Причина – потребно е подолго време за подготовки.
Наместо од недела (28 март), генералната обврска за тестирање на патниците кои во Германија влегуваат со авион ќе важи од вторник (30 март). Терминот е малку одложен за да се добие време за подготовки, изјави денеска сојузниот министер за здравство Јенс Шпан.
Авиокомпаниите информирале дека во голема мера ќе можат да се држат и до првично планираниот термин, но, како што рече Шпан, има земји каде „инфраструктурата за тестирање не е толку добра“. Таму авиокомпаниите ќе мора да организираат понуди за тестирање.
Според министерот за здравство, „оној кој нема негативен тест, нема да биде примен“.
Новото правило важи без оглед на тоа каква е ситуацијата со коронавирусот во земјата од каде што се доаѓа. Тестот не смее да биде постар од 48 часа пред патувањето.
Трошоците ќе ги сносат самите патници. Авиокомпанијата смее да го пушти патникот во авион само ако тој има негативен тест или во спротивно ќе се соочи со казна. Правилото важи само за летовите, а не за патувањето на друг начин.