Даниела: Кога ќе дипломираш, кога ќе се мажиш, кога дете, е ај сега да видам што ќе ме прашувате

  • By admin
  • февруари 22, 2021
  • 0
  • 1595 Views

За моиве 28 години нешто што најмногу ме има изнервирано и исфрустрирано се постојаните прашања од страна на луѓето во врска со мојот живот. Кај нас секој си дава за право да се меша во сечиј живот и во секоја ситуација да го потсетува што треба да прави.

Ако не го направиш така, ќе те зборуваат. А луѓето и онака си зборуваат, го коментираат секој твој чекор и тоа обично со потсмев или со негодување. Ретко некој мене ме пофалил или поддржил од истите тие што само коментираат.

Наместо да дадат поддршка и ако можат да ти помогнат, да те насочат кон нешто, тие си го тераат своето подбуцнување и коментирање. Ми се смачи веќе од фактот дека треба да живеам по некој терк, по стандард кој се наложува во нашето окружување.

Ми се смачи дека се’ нешто морам да правам, мора ова, мора она, сега е на ред ова, па по него мора да го направиш она. Не верувам дека постои млад човек што не се соочил со вакви коментари и прашања. Кога уште учев во основно и средно училиште, немаше толку коментирање, се знаеше и очекуваше дека треба само да учам а другото ќе си дојде само по себе.

Е при крајот на средното образование веќе почнаа маките. Немав избор, сите во мојата околина, почнувајќи од семејството, роднините, пријателите сите беа со ист став, ајде сега мораш да запишеш факултет, тоа ти е на ред избери што сакаш да учиш. И да не сакав да учам, да сакав да работам не можев зашто тој став дека морам да учам ми влезе во глава и запишав факултет.

Не го завршив на време и баш заради тоа сите очекуваа дека треба да завршам во рок од четири години почнуваа прашањата: “ајде, до каде си со факултетот?”, “ајде кога ќе завршиш, не ги влечи испитите”, “мораш да завршиш, не губи време те чека и работа.”.. И, што можев да одговарам на вакви прашања и коментари, едноставно ме вадеа од такт.

Не сакав луѓето да ме прашуваат и да се интересираат за мојот живот. Добро е што дома не ме притискаа толку, инаку не знам што ќе правев. Ајде, минаа и факултетските денови, за некоја година го завршив факултетот и погодете што? Сега следуваа прашањата од типот “нели бараш работа?”, “не седи за џабе, мора да работиш”, “штета толку се мачеше и сега не најде работа”. Буквално почнав да избегнувам секакви семејни или пријателски собири заради ваквите прашања.

Имаше еден период кога стварно не можев да најдам работа на струката, но си давав време и за одмор и немав зор за да работам. Не сакав со никој да се сретнам за да ги избегнам тие прашања кои секако ми влијаеја и на самодовербата, не скаав да се разочарам дека не сум успеала.

Имав и долгогодишна врска, но нашиот план беше откако и јас ќе се вработам тогаш да планираме заеднички живот. Не сакав да зависам од сопругот. Но, луѓето не се задоволуваа со тоа и ме прашуваа кога мислам да се мажам, времето ми одминувало и морало навреме да се одлучам. Секогаш одговарав дека има време, кога ќе дојде часот, тогаш.

Си најдов и работа, си решивме да се земеме, собравме пари за стан, се вселивме и бев раат од секакви прашања. Живеевме во хармонија и не се замаравме со луѓето. Моите ме поддржуваа во тоа на почетокот да си ја гледам кариерата, да си ја осигурам работата, а се’ друго ќе си дојде со време. Арно ама, на секој слава или седенка со пријатели, комшии, роднини, се наоѓаа некои што си дозволуваа да прашаат зошто се’ уште нежаме деца, зошто живееме сами во досада, сега било време деца да ни шетаат низ станот.

Толку се срамев во тој миг, не сакав ништо да одговарам. Ми беше незгодно и од сопругот. Од кај знаат луѓето зошто немаме деца, можеби имаме некој проблем, тоа е многу незгодно и некултурно прашање. Сите треба да имаме право да одлучуваме за својот живот, ништо не мора да правиме како што ни наложуваат другите.

Никој не го интересира за тоа што предизвикува нивното прашање кај тебе, и и покрај тоа што си имавме детенце, луѓето пак си зборуваа и прашуваа. Не сакам нигде да одам со такви луѓе, веќе ги научив и се дружам само со културни, со луѓе кои знаат што и кога да прашаат. Сама се прашувам на некоја идна собиранка што би можело следно да прашаат или да ме советуваат што треба да правам, вели Даниела.

ФОТО: Илустрација

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.