Во најава нови авиолинии од и до аеродромите во Скопје и во Охрид – дестинациите и тоа како привлечни

  • By admin
  • август 12, 2022
  • 0
  • 498 Views

Како што е познато веќе три години Македонија не е поврзана со директна авиолинија со Словенија државата во која живеат и работат голем број Македонеци.

Но тоа наскоро би можело да се промени со оглед на тоа што Аеродромот во Скопје е „исклучително важна“ рута за Љубљана што треба да се обнови, велат претставници на љубљанските аеродромски власти за специјализираната веб-страница за авиосообраќај Ех-ју авиатион.

Сајтот посочува дека Скопје и Љубљана се двата најпрометни неповрзани аеродроми на територијата на поранешна Југославија, кои останаа без директна авиолинија по пропаѓањето на словенечката авиокомпанија Адрија Ервејс.

Според наведениот извор, од јануари до крајот на септември 2019 година, кога Адрија Ервејс престана со работа, на релација Скопје-Љубљана и обратно летале 40.293 патници. Во 2018 година, на оваа релација во двата правцa летале 44.828 патници.

По пропаѓањето на Адрија Ервејс, српската Ер Србија стана главна авиокомпанија за превоз на патници меѓу Скопје и Љубљана.

„Ексјуавиејшн“ наведува дека нискобуџетната компанијата Визер размислувала за воведување на линија од Скопје до аеродромот во Марибор, како алтернатива на словенечкиот главен град, но побарала до еден милион евра субвенции и стимулации за одржување на услугите меѓу двата града.

Од друга страна, наведува страницата, Ер Србија преговара со македонските власти за воведување на сезонски летни авиолинии меѓу Белград и Охрид од следната година, што ќе послужи и за поврзување на двата града, но и како трансфер линија за мрежата на подолги релации на српската авиокомпанија.

Српскиот авиопревозник првично започна сезонски летови меѓу Белград и Охрид трипати неделно во 2016 година, по тригодишен прекин.

Во 2017 година, бројот на летови беше зголемен на четири неделно, но сепак до 2018 година авиолинијата беше прекината поради прит исокот врз Ер Србија за намалување на трошоците и рационализација на нејзината авиомрежа.

Фото: ТАВ Скопје фејсбук

– Тогаш, авиокомпанијата за одржување на својата линија за Охрид првенствено се потпираше на трансфер-патниците со специјални цени за македонската дијаспора во Австралија, од кои многумина потекнуваат од охридскиот регион. Сепак, прекинот на летовите на Ер Србија за Абу Даби во 2017 година, кои служеа како трансфер од Австралија, значително влијаеше на намалување на прометот на охридската линија.

Страницата посочува и дека Кроатија Ерлајнс преговарала со аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“ за потенцијалното проширување на нејзините летови кон и од земјава.

– Доколку постои интерес од македонските тур-оператори и партнери, ние сме подготвени да ја прошириме нашата соработка и на други рути освен Загреб-Скопје, како можеби Охрид-Сплит, изјавија од Кроатија Ерлајнс за Ех-ју авиатион.

Од друга страна, од „ТАВ Македонија“ истакнале дека авиоповрзаноста меѓу земјава и Хрватска е на незадоволително ниво и нови авиолинии би биле голем чекор напред во подобрување на сегашната состојба.

– Сметаме дека летови меѓу Охрид и Сплит би биле од интерес за туристите, така што тие би можеле да ги посетат двете земји во рок од неколку дена во еден потег, додале од „ТАВ Македонија“ за Ех-ју авиатион.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.