Македонците во Австралија се можеби едни од ретките во дијаспората кои силно се решени да си ја зачуваат традицијата, јазикот, фолклорот, а тоа го покажаа уште еднаш.
Учениците кои го изучуваат македонскиот јазик од средното училиште во Епинг имаа еднодневно дружење со членови на пензионерското друштво при македонската православна општина за Мелбурн и Викторија.
Средбата учениците ја искористија за разговор со пензионерите на теми од наставата и секојдневниот живот на македонски јазик. Учениците читаа рецитали посветени на македонскиот јазик и љубовта под мотото “Нашиот јазик – нашата светлина” и изреката на Нелсон Мандела:
“Ако му зборуваш на човек на јазик што го разбира, тоа оди во неговата глава, ако му зборуваш на неговиот јазик, оди во неговото срце”.
Учениците исполнија и неколку македонски песни а развиориа и македонско оро. Учениците најмногу ги интересираше да дознаат повеќе за нивниот живот во родниот крај, кога тие биле деца, а меѓу нив е и ученичката Александра.
– Многу корисна средба за нас учениците за вежбање на македонскиот јазик и мене посебно ме интересира да ми раскажат како живееле кога биле деца – зошто ние денес имаме многу нешта кои тие тогаш ги немале.
Видно расположени пензионерите одговараа на сите прашања од учениците и за момент беа навратени во нивното детство и родниот крај.
– На оваа средба учениците не само што потврдија дека го научиле македонскиот јазик, туку и не вратија во мислите во нашето детство и од каде ние дојдовме во Австралија за да започнеме нов живот, велат пензионерите.
Во подготовката на учениците за меѓугенерациската средба се погрижи наставничката Гордана Јанинска. Според неа вакви средби се корисни за пензионерите, а особено се важни за учениците.
– Јазикот најмногу се учи во разговор надвор од училницата и тоа им останува на некој начин во сеќавање на учениците. На овој начин тие можат да научат повеќе за историјата, културата, храната и други теми, изјави Јанинска.
Јагода Котевска, службеничка во тимот за позитивно стареење во општината Витлси, им порача на учениците да продолжат да го изучуваат македонскиот јазик.
– Голема благодарност до учениците кои потврдија колку убаво зборуват на македонски јазик. Да продолжите со тоа зошто иднината на македонската заедница во Австралија е во вашите раце, вели Котевска.
Видео прилогот може да го проследите на следниов линк.