Во текот на вчерашниот ден беше најавено дека денеска ќе пристигнат вакцините од Србија на граничниот премин Табановце, но доцна синоќа, нешто пред полноќ беше соопштено дека поради технички проблеми вакцините нема да пристигнат.
За ова прашање одговор побаравме директно од министерот за здравство Венко Филипче во дебатниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21.
„Предмалку објави и српската премиерка Ана Брнабиќ дека сепак не ги добиле долго очекуваните документи од компанијата Фајзер за да можат да ги извезат вакцините од Србија“, вели Филипче.
Тој додава дека тоа е една политика која многу компании ја имаат во овој изминат период кога станува збор за вакцините.
„Инсистираат на тие доверливи и директни договори со државата да се избегнат вообичаените процедури кои фармацевските компании ги имаат преку локалните компании, веледрогерии и претпоставката е дека ниту една компанија не сака да се најде во ситуација да некој нејзин продукт се препродава во некои регион во светот и затоа е тоа така, многу строг мониториран и контролиран процес“, објаснува Филипче.