Сигурно сите ја знаете онаа: “Ако имаш ќерка, знај дека секогаш ќе имаш на кого да се обратиш и ќе ти отвори врата”. Јас сум ќерка единец и не можам да кажам дека сум уживала во сè во животот. Дури признавам дека ми беа зададени толку удари во животот што не ни очекував.
Сепак, секогаш останав со добра волја и не се откажував кога ми беше најтешко. Само едно ме интересирало, зошто некој може да доживее само ситни проблеми во животот, а некој вистински животни проблеми кои не ги заслужил?
Јас првите години од животот ги поминав на село, моите се занимаваа со земјоделие, но откако почнав да одам на училиште во градот и заминаа на оној свет баба ми и дедо ми, моите не се двоумеа да ги остават нивите за да се преселиме во градот.
Крпеа крај со крај, позајмија пари за да ја плаќаат киријата на почетокот, но не сакаа мене да ме остават да живеам в село и да поминувам толку километри до училиште. Имаа план за мене, сакаа да завршам школо и да имам достојна функција.
И навистина како и секој родител многу се трудеа да ми приуштат барем основни услови за живот и школување, а со која тешка мака тие самите си знаат. Скоро секоја вечер бев сведок на нивните расправии околу парите, за што попрво да ги искористат, работеа по 12 часа на ден некогаш и прекувремено само за да имаме скромен живот.
Требаше и на факултет да се запишам, но ете оттогаш почна моите проблеми. Ненајдејно нè напушти и татко ми, останавме сами со мајка ми и наместо да запишам факултет јас морав да тргнам на работа уште пред 18 години.
Тогаш беше друго време, мајка ми со една плата не можеше да си дозволи да ме школува и да плаќа стан. Јас бев спремна да и помогнам, и велев дека не морам да учам, ако имам прилика кога ќе заработам доволно пари ќе се запишам.
И така почнав со работа ваму-таму, од се по нешто пробував и времето си помина, а од мојот факултет ништо. Во тоа време мислев дека среќата ми се насмеала конечно.
На работа запознав еден човек кој набрзо потоа ми стана сопруг. Мислев дека ја доживеав љубовта во мојот живот. Се сакавме толку многу и имавме многу заеднички планови. Преку човек успеавме да заминеме во Германија на работа.
Мајка ми се помири со тоа затоа што од една страна и беше подобро сама, барем немаше дополнителни трошоци и не сакаше да и пречи на мојата среќа. Не поминаа ни две години напорна работа за да обезбедиме стан и автомобил, ми почнаа брачните расправии. Всушност не сме се познавале доволно добро и кога дојдоа прашањата за деца ние не се согласувавме.
Ме остави зато што имав здравствен проблем кој секако не го знаев претходно,не можев да имам деца. Не сакал човекот други деца, не се ни потруди да пробаме на друг начин, и ете останав сама.
Размислував да се вратам дома, но погодена ми беше работата и не сакав да ризикувам да работам за многу помала плата. Останав уште некои 15тина години во Германија, и знаете се чувствував скршено, без самодоверба, оној ми стави в глава дека и секој друг понатаму нема да сака да се задржи со мене заради истиот проблем.
Затоа не се ни омажив повторно, не сакав па само работев и се дружев со пријателки. Пред некое време после толку години поминати настрана, ми излезе друг проблем.
Дали од мака што остана сама, дали од самата старост, мајка ми се разболе. Не сакаше да доаѓам често затоа што сестра и доаѓаше и се грижеше за неа, но јас не можев да ја остављам така.
После неколку месеци морав да се вратам за да ја чувам. Таа сè што можеше направи само да ме израсне и да бидам среќна и сега јас чувствував дека морам да бидам до неа. Барем да и бидам поддршка и да не биде сама во тешките денови. И мене не ми е лесна грижата, но не се каам воопшто што сум се вратила, таа ми е поважна од сите пари на светот.
Обработи: Д.С.
Фото:Илустрација
Авторски текст кој не смее да биде превземан без дозвола на редакцијата на Кластер.мк