Кучето Дикси кое е на возраст од шест години и е од расата Белгиски овчар, успешно заврши со пронаoѓањето на исчезнато лице.
На неговата дресура четири месеци работеше Ефто Стојаноски, од неодамна формираниот клуб за потрага по исчезнати лица „Куче спасител“ од Охрид, кој е прв од ваков вид во државата.
Како тоа изгледа во пракса го демонстрираа и пред камерата на Гласот на Америка.
„Со оваа вежба може да се види многу добро, дека кучето оди по трагата и навистина го бара човекот. Точно до чoвекот дојде, а поминавме низ капини, треви. Тоа значи дека кучето одлично бара“, вели Стојановски.
Стојаноски кој е долгогодишен дресер на кучиња, вели дека идејата за вакво нешто се родила по бројните случаи на изгубени деца или луѓе.
„Неколку месеци се потребни само за практичниот дел. Но, покрај практичниот дел, кучето треба да биде обучено и во послушност и во фискултурни вежби, да може да помине насекаде, да не реагира на предизвици“, додава тој.
Тој вели дека со ова, многу ќе се олесни потрагата по исчезнати лица.
„Многу добро ќе се пронаоѓаат лица, доколку се постапи правилно, а не како досега, кучињата да бидат повикани после десет дена. Онаа точка каде што човекот бил последно виден, мора да биде обезбедена, да не ја газат луѓето што ќе дојдат тука по потрага“, вели тој.
Следната негова цел е дресура на кучиња за пронаоѓање на лица без соодветни траги.
„Тоа е сосема друга дресура на куче. За тоа треба друго куче кое ќе биде пуштено слободно и се работи само во планински предели, не во град. Кучето шета лево, десно и бара човечки мирис и така го пронаоѓа човекот во планината. Македонија нема такво куче“, вели Стојановски.
За да се реализираат тие планови неопходна е поддршка од институциите, како на локално така и на централно ниво.
„Љубител сум на животните. И, самиот сум одгледувач на куче. Во иднина планираме јас да бидам еден од водачите на такво куче кое ќе трага по изгубени лица.
Ова нека биде апел до сите надлежни институции да се вклучат, да помогнат на ваквите ентузијасти. Ова е добро“, вели Тони Костоски, член на клубот „Куче спасител“.
Целата сторија со видео прилог може да проследите на Гласот на америка на македонски јазик.