Ова е поттикнувачката приказна за Гере Трипков, иницијатор на програма за личен развој.Животот си поиграл со него, но падот со кој се соочил му дал дополнителен поттик да им покаже на лицата со попреченост дека можат да се изборат за своето место во општеството.
Гере Трипков e покренувач на „КоСенс“, иницијатива за животно учење и мотивација за лицата со попреченост.
Поттикот на Трипков да се сврти кон барањето на мотивацијата е всушност од непријатната игра што му ја приредил животот. Денес е во количка, но вели дека во таа траг едија, нашол светла точка.
„Сум имал можеби, така да се каже, убаво искуство. Да бидам лице без попреченост, а потоа и лице со попреченост. Ги знам двата света. Кога човек е во врвот и кога мисли дека може да постигне сè, кога неговото его е навистина на многу високо ниво. А потоа да паднете и работите да почнете да ги сфаќате поинаку“, вели Трипков.
Сепак, како што додава, токму таа состојба му дала мотивација да им подаде рака на луѓето што се соочуваат со егзистенцијални падови.
„Дојдов до сознание, преку самиот себе, дека ова е мојата мисија, дека треба да ја ширам позитивната мисла, дека секој од нас вреди, дека има своја мисија, своја цел и им помагам на луѓето тој потенцијал да го согледаат кај себе“.
Вели дека иако живеењето во денешно општество не е лесно, особено за лицата со попреченост, не треба да се изгуби желбата за успех.
„Една капка вода врз нас не тежи, но со текот на времето станува тежина што не можете да ја издржите. Мисија на сите лица со попреченост е да ги едуцираме другите дека животот на крајот на краиштата е убав. Ние сме примери за тоа дека животот е краток. Ние треба да бидеме инспиративна каписла“.
Одлучен е да ја спроведе својата мисија до крај, да ги урне општествените бариери и да го спои светот на лицата со попреченост со сите останати така што ќе ги поттикне да се запознаат подобро едни со други.
„Мене не ми пречат тие погледи, но треба да работиме напорно за луѓето да ги едуцираме на дневно ниво. Можеби имаме различни потреби, можеби денот ни изгледа малку различно, но на крајот имаме исти потреби, да бидеме сакани и прифатени“.
Целата сторија со видео прилог може да ја проследите на Гласот на америка на македонски јазик.