Како што е познато пред два дена во својата 78 година овој свет го напушти Кирил Дојчиновски, еден од најголемите македонски фудбалери во историјата.
Македонскиот, но и светскиот фудбал останаа без легендарното име кои во својата играчка и тренерска кариера ќе остане запаметен како еден од најдобрите на овие простори.
Дојчиновски засекогаш ќе остане запаметен во историјата на македонскиот спорт како првиот Македонец кој бил дел од Светските фудбалски првенства.
Тој беше дел од Мундијалот во 1974 година во Западна Германија, тогаш како фудбалер на белградска Црвена Звезда.
Своите фудбалски почетоци ги бележи во Вардар, каде како тренер и ја заврши својата кариера. Играше за Црвена Звезда и француските Троја и Париз.
Како тренер работеше во Ел Салвадор, каде што беше и селектор, а ги предводеше и Вардар, Пелистер, Македонија ЃП, Брегалница (Ш), Брегалница (Д) и неколку тима од Ел Салвадор.
И Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино упати телеграма со сочувство за еден од најголемите македонски фудбалери во нашата историја, големиот Кирил Дојчиновски.
Во телеграмата до претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини и целото македонско фудбалско семејство, првиот човек на светскиот фудбал изразувадлабоко сочувство до семејството, истакнувајќи дека Кирил Дојчиновски е вистинска легенда на југословенскиот фудбал и еден од најголемите во неговата генерација.
Ќе ни недостасува неговата фудбалска големина, лидерството, но уште повеќе човечката и хуманата величина на Кирил Дојчиновски.
Денес беше испратен во вечниот дом, а присутен беше и Трифун Костовски кој објави фотографија со луѓето со кои бил:
Збогум пријателе. На фотографијата се личностите кои денес, последни се збогуваа со нашиот Кирил.
Од лево на десно: Методија Спасовски, Јован Ачимовиќ, Златко Калински, Диме Георгиев, Трифун Костовски, Љубиша Николиќ, Легендарниот голман на Црвена Звезда Дујковиќ и Васил-Циле Тупурковски. Вечна ти слава пријателе.
На оваа фотографија е и Златко Калински, легендарниот македонски коментатор кој откако пред 5 години замина во пензија ретко можеме да го видиме во јавноста. Очигледно си ужива во пензионерските денови далеку од очите на јавноста.