Колкава помош од државата ќе добие секој од тутунарите во новиот пакет мерки ќе се знае во понеделник. Ресорниот министер не открива дали 5те милиони евра што ги вети Владата како помош ќе се распределат по килограм произведен и предаден тутун како што бараат тутунарите. Но, тврди дека со овие пари ќе се исполни ветувањето просечната цена да не биде под 180 денари за килограм.
-Тоа е рамката на средствата што се обезбедени. Во понеделник имаме средба со Сојузот на производители на тутун, Одборот што организира протести и откупните компании и тогаш ќе ја утврдиме точната методологија како ќе се направи тоа.
Од договореното производство остануваат уште 1.500 тони кои треба да се откупат викендов, а од следната недела ќе се утврдува динамиката на тоа како ќе се откупува вишокот.
– Откупот на договореното производство би требало до понеделник да се заврши. Потоа, како што утврдивме на минатите заеднички состаноци, ќе утврдиме како треба да се откупи вишкот, за што се заложија и откупните компании, а дали ќе има потреба за продолжување на законскиот рок ќе се одлучи на состанокот во понеделник и врз основа на тоа ќе се преземат конкретни мерки, објасни Хоџа.
Годинава просечната откупна цена на тутунот е 165 денари по килограм. Тутунарите се жалат дека ова е една од најлошите години за нив, со загуби од едно евро во просек по килограм предаден тутун.
Инаку МЗШВ е прво министерство кое што денеска потпиша колективен договор на ниво на работодавач. По цели 22 години се регулираат правата на Шумската полиција, и на сите вработени во министерството особено во делот на платите.