Со полн капацитет работи и базната станица, воспоставена во амбасадата на Република Македонија во Берн, Швајцарска Конфедерација, преку која над 400 наши државјани се стекнуваа со нови биометриски патни исправи.
Додека е во тек обработката на новите барања за патни исправи, амбасадорот, Кенан Рамадани и припадници на дијаспората тврдат дека со скратената постапка од шест на еден месец, се реши најголемиот предизвик со кој се соочиле како нашите државјани во Швајцарија така и вработените на амбасадата.
“Овој проект успешно се спроведува! Во текот на последниот месец, од почетокот на имплементацијата на овој проект, преку нашата амбасада, со биометриски патни исправи се стекнаа над 400 наши сограѓани”, истакна амбасадорот Рамадани.
Изненадени и среќни се изразуваат и нашите државјани кои живеат во Швајцарија:
“Кога ми рекоа за еден месец, многу бев изненаден!”
“Јас сум многу задоволна од Вашата брза услуга!”
“За две и пол недели, готов пасош! Ви благодарам многу!”
“Јас сум презадоволен! Вакво нешто за прв пат се случува, значи за две недели готов пасош. Тоа е многу брзо! Презадоволен!”
Базната станица воспоставена во Берн е една од деветте опреми што се распределени во наши Дипломатски и конзуларни претставништва во светот, каде што има повеќе барања за издавање на нови патни исправи.
Со цел подобрување на услугите за дијаспората, Министерството за надворешни работи во соработка со Министерството за внатрешни работи, покрај базните, стави во функција дополнителни четири мобилни станици.
За потсетувања, пред неколку дена информиравме дека овој систем профункционира и во Германија, поточно во Берлин.