Македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски постигна историски успех на Олимписките игри во Токио, каде што го освои сребрениот медал, а пречекот на нашиот спортист ќе се одржи во четврток од 19.30 часот.
Македонската таеквондо федерација организира пречек за македонскиот херој од 19.30 часот на скопскиот плоштад, додека ќе има пречек и на аеродромот во Скопје од 14.30 часот.
Дејан Георгиевски е името за кое зборува македонската јавност во изминатите 24 часа. Причина за тоа е неговиот голем успех на Летните Олимписки Игри во Токио.
Македонскиот спортист успеа да освои сребрен медал во теквондо во категорија за натпреварувачи над 80 килограми. Во големото финале загуби од првиот светски теквондист Владислав Ларин од Русија.
Владата на Македонија на денешната седница реши да му додели парична награда на македонскиот таеквондист од 1,2 милиони денари. На неговиот тренер ќе му биде доделена награда од 600.000 денари.
Награда за македонскиот спортист ќе исплати и Агенцијата за млади и Спорт (АМС), која ќе го награди Георгиевски со 600.000 денари.
Георгиевски исто така доби и доживотен месечен надоместок, односно доживотна пензија од 1,3 просечни нето плати.
Тренерите на Дејан Георгиевски, кој направи огромен успех на Летните Олимписки Игри во Токио, се откажаа од најавената премија од Владата и Агенцијата за Млади и Спорт.
Дарко и Борче Костовски го водеа нашиот натпреварувач до сребрен медал во категоријата за теквондисти над 80 килограми.
„Владата доделила 20 000 евра за македонската спортска икона Дејан Георгиевски и 10 000 евра за тренерите.
Мојот брат д-р Борче Костовски и јас како тренери на олимпискиот сребрен медалист Дејан Георгиевски, апсолутно се откажуваме од премијата што е доделена за нас, секако таа целосно треба да биде насочена кон олимпискиот вицешампион, новата македонска гордост!
За нас како тренери во овие моменти доволен е олимпискиот историски сребрен медал (СО ЗЛАТЕН ОТСЈАЈ). ЗА МАКЕДОНИЈА!“ ,