Цел живот се изјаснува како Македонец, но Иван не може да добие македонско државјанство

  • By admin
  • април 1, 2021
  • 0
  • 1053 Views

Иван Величковски има 32 години, живее во Србија и е по потекло Македонец, но тоа не може да го докаже пред институциите за формално да го добие документот – македонско државјанство.

Пред камерата на Канал 5 раскажа дека неговите предци се дел од илјадниците македонски граѓани кои по втората светска во јна се населиле во соседна Србија.

Иако денес таму е регистриран како Македонец, во земјава тоа право го нема, бидејќи во изводот од раѓање на неговиот дедо, во делот на државјанство стои Социјалистичка Република Македонија и СФРЈ.

– Дедо ми не е крив што е роден во СФРЈ, и не е роден во Република Македонија. Јас сум стипендист на Влада на Македонија, братска земја е направена меѓу Македонија и Србија и усвоен е братски јазик. Кај нас има приватни школи направени за децата да учат македонски јазик.

Мислам дека и други кои поднеле документи, би требало да добијат македонско државјанство бидејќи имаме корени и потекло од нашите претци, вели Иван Величковски.

Но, Величковски не е единствен во овој правен лавиринт – вели претседателот на партијата на Македонците во Србија, Илијевски. Од податоците на ОБСЕ, околу 200 илјади граѓани во Србија имале македонски презимиња, а на пописот за дијаспората досега се попишале само 700 лица кои живеат таму. Тоа според него е показател дека неколку поколенија се обесправени во државата од која потекнуваат.

– Ако цел живот се изјаснуваат како Македонци, влегуваат во статистиката на Србија како Македонци, како да им објасниме дека не се Македонци?

За да се биде Македонец треба да имаш македонско државјанство. Ние својата нација не ја почитуваме, не им оддаваме признание на своите Македонци во дијаспората.

Од 200 илјади, само 677 да се попишат, бидејќи услов за попишување е државјанството, значи 95 посто немаат државјанство. – Горан Илијевски – претседател на Партија на Македонци во Србија.

Илијевски вели дека цела деценија бара да се реши статусот на овие лица, но досега добиле само политички ветувања. Смета дека во период кога овој закон ќе се менува за олеснување на процедурата и условите кои треба да ги исполнат барателите, Македонците во Србија очекуваат да се разгледа и нивниот проблем. Од Владата велат дека имаат разбирање за барањата и ќе се земат предвид аргументите на овие граѓани.

-Во измената на Законот за државјанство ќе се водиме од меѓународните стандарди. Како држава кандидат со препорака за почеток на преговори со ЕУ, веќе имаме прифатено законски решенија според европските норми. – Влада на РМ

Во одговорот кој го добивме од МВР уверуваат дека никој не е дискриминиран и за секој поединец постапуваат по законот. Ги повикуваат лицата кои бараат македонско државјанство да се обратат кај нив за информации околу постапката.

Целата сторија со видео прилог може да ја проследите на Канал 5ТВ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.