Згодната прилепчанка со одличен глас и стас Елена Велевска веќе долги години е присутна на македонската естрада и притоа секогаш знае да е актуелна.
Елена се родила како втора ќерка во семејството Велевски. Уште на осум години запеала на училишните смотри на кои настапувала сè до завршувањето на основното образование кога речиси истовремено била избрана за претставник на Прилеп на училишниот натпревар што се одржал во Пробиштип.
Својата прва песна “Сонувам” ја снимила на петнаесетгодишна возраст со групата “Уникат” од Прилеп. Тоа ја охрабрило да го сними својот прв солистички албум “Што ќе ми се пари”, а го снимила во прилепското студио “Точак” на кој продуцент му бил Дејан Момировски.
Дејан Момировски го напишал и текстот на нејзиниот следен голем хит “Пу, пу машала” по враќањето од Австралија. Оваа песна го најавила и нејзиниот втор албум “Пу, пу машала” кој се состоел од осум песни.
Набрзо започнала со настапи на фестивали, а првиот фестивал на којшто настапила бил “Гоце фест 2002”, каде со групата “Болеро” од Струмица ја испеала песната “Еј, моја Македонијо”.
Таа година настапила и на “Цветници 2002” повторно со “Болеро” и ја отпеала песната “Сите солзи ќе ги пролеам”. Следувало нејзиното самостојно излегување на “Валандово 2002” со песната “Свири чичек” на која комплетен автор бил Илчо Јованов и каде таа освоила награда за сценски настап. На тој сценски настап била придружувана од маестро Ферус Мустафов и дел од оркестарот “Агушеви”.
Со фестивалите се отвориле вратите за почести турнеи во странство, претежно во Швајцарија и Италија. Следната 2003, се претставила и на “Тетовски фолк фестивал” со песната “Живеам за тебе” која била многу добро прифатена и и донела учество на “Фолк хит на годината”.
Во 2003, настапила на првиот “Низа фестивал” во нејзиниот роден град Прилеп, со “Мелем песна” на авторката Радмила Митровиќ. Потоа заминала на турнеја низ Австралија заедно со Дејан Момировски.
На таа турнеја ги започнала подготовките за нејзиниот трет албум. По враќањето во Македонија ја отпеала песната “Говорот на телото” чиј текстописец бил Ѓорѓи Калајџиев.
На нејзиниот трет албум се нашле дури шеснаесет песни. За новогодишните празници настапувала во Америка. Следното лето настапила на “Охридски трубадури” со песната “Шах-мат”. Песната “Жена огн ена” изведена на “Роса 2004” била широко прифатена од публиката. На нејзиниот четврти албум како автор на две песни се јавува токму таа.
Велевска и ова лето има доста ангажмани на професионален план, но притоа пронаоѓа време да помине и со своите најсакани.
Иако многу не ја експонира во јавноста, Елена реши овојпат да сподели фотографија од својата мајка на инстаграм.