Ракометарите на Вардар не успеаја да го поминат Нексе Нашице и загубија со 30-32 по пеналите во четвртфиналето на СЕХА лигата.
Иако Хрватите долго водеа, вардарци лавовски се изборија и водени од Талески и Манасков дојдоа до пресврт и имаа напад за победа кој не го реализираа. Со овој триумф Нексе закажаа полуфинале на завршниот турнир против ППД Загреб.
Најдобар поединец на натпреварот беше Филип Талески со 11 реализации, му помогна Дејан Манасков со осум, а солиден беше и Моралес со четири. Кај Нексе се истакна Сршен со седум гола.
На трибините во СЦ Јане Сандански беше и македонската ракометна легенда и актуелен селектор Кире Лазаров кој претходно во во денот доби и нова улога.
Македонската ракометна легенда Кирил Лазаров ѝ стави крај на кариерата и се впушти во тренерски води. Првиот клупски ангажман ќе го има во Македонија каде ќе го предводи новиот проект РК Алкалоид.
Се работи за најмладиот суперлигаш кој во сезоната влегува без странски ракометари. Осум новајлии дојдоа во тимот за елитата, претежно млади домашни ракометари, со неколку искусни имиња, кои ќе го подигнат квалитетот на тимот.
„По крајот на кариерата се одлучив да останам во спортот и да пробам да придонесам уште повеќе, само малку поинаку. Ќе работам во нашата Македонија и ќе се обидам со моето искуство кое го имам стекнато низ годините во Европа и светот да го пренесам овде, во нашата земја Македонија.
Чест ми е и задоволство што во раце ќе имам ваков проект, посакуван проект. Не се двоумев воопшто дали да ја прифатам поканата на ракометниот клуб Алкалоид и со многу желба и ентузијазам, влегов и ветувам дека ќе бидам посветен да работам на овој проект за доброто на РК Алкалоид и македонскиот ракомет.
Вакви концепти треба да се поддржуваат, што повеќе вакви проекти има, тоа ќе биде добро за Македонија“, изјави Лазаров.
Лазаров е еден од најпознатите македонски спортисти на сите времиња, човек кој едносавно плени со својата харизма.
Токму со него успеа да направи селфи и најпознатата македонска водителка Лила Филиповска која е и водечка инфлуенсерка кај нас.