Трајче: Ќерка ми вели – Тато зошто би се враќала од Америка, па твојата плата ја вадам овде за 2 дена

  • By admin
  • декември 23, 2021
  • 0
  • 558 Views

Сите родители ќе признаат дека најубаво им е кога децата им се околу нив, кога можат често да ги гледаат и да минуваат време со нив.

За жал денешницата ни е сосема поинаква, не дека порано немало иселување, но денес младите од Македонија иднината си ја гледаат само надвор од неа.

Не секогаш парите се единствената причина за заминување, туку целокупниот систем во кој живееме, а кој веќе ја достигна својата малфункционалност.

Нема потреба да се коментира колку родители копнеат по своите деца и не сакаат да ги гледаат само преку камера, но таа е реалноста. Ви пренесуваме сведоштво на еден татко кој својата единица ја испратил во далечната Америка и сега не сака ни да чуе да се врати тука.

“Се викам Трајче и имам 61 година. Отсекогаш сум живеел скромен живот поради прилично ниските примања кои ги имаме со сопругата. Таа работи во конфекција, а јас како магационер во една фабрика.

Цел век го минав во работнички алишта мавтајќи се од една во друга фабрика се дури можам да работам. Штедев колку што можев за да можам единствената ќерка да ја изведам на прав пат, ама не ми успеа.

Успеав да соберам пари само за да и купам карта да замине во странство, и тоа ни помалку ни повеќе туку во прекуокеанската Америка. Никогаш не ни помислував дека еден ден ќе се случи да замине.

Не можевме да имаме повеќе деца и секогаш бев со мисла дека ќе остарам и еден ден таа ќе биде многу поуспешна од мене и ќе ми дари внуци околу кои ќе се радувам. Арно ама, таа си го трасираше патот сама како што сакаше.

Или како што мораше, подобро кажано. Многу млада одлучи да замине, и дури мислам дека подобро е што рано сфати каква е состојбата во земјава и дека е тешко да успее тука без врски.

Кога заврши средно училиште, гледајќи ја состојбата во која сме, сакаше веднаш да почне да работи за да си има барем за свои потреби, да не бара од нас.

И јас и мајка и сакавме да се осамостои, да има своја пара, но знаевме дека во тој случај немаше да се запише на факултет и едвај ја разубедивме.

Знаејќи си од каде потекнува секогаш сакаше да нè прави горди родители и успеа факултетот да го заврши навреме. Како што многу студенти прават така и таа две години по ред одеше преку лето на работа во Германија и во последнната година реши да замине за Америка.

Се противевме нормално зашто е далеку, не е сигурно ама таа беше решена. Па си викам, не се децата врзани за родителите, поарно нека оди нека го види белиот свет. Не ја задржавме, сепак на неколку месеци заминуваше.

Ние ги пуштаме децата, ама доцна сфаќаме дека тие знаат дека можноста за кариера, за живот и надградување секогаш е надвор од Македонија.

Така и ќерката виде дека Америка и е поубаво место за работа и живеење, и се допаднаа луѓети таму, па не шо кираше со изјавата дека одлучува таму да се пресели и да работи.

Не можам да опишам како ни беше кога го кажа тоа, стануваш свесен дека детето си оди од кај тебе и си го планира животот многу далеку. На почетокот беше навистина тешко да се навикнеме, ама кога ќе си размислам убаво знам дека тоа и е најправилната одлука.

Предност и е тоа што е снаодлива, знае странски јазици и за сегде сама си се снајде. Си аплицираше за виза, средуваше многу документи, чекаше ама на крај и се исплати.

Скоро две години поминаа откако замина и уште не може да дојде да ја видиме, ама па знам дека таму е обезбедена со сè. Работеше прво неколку работи по малку саати, ама сега веќе си има редовна осумчасовна работа и плус кога има потреба и слободен ден работи за дневница.

Важно убави пари си вади, почна сама да си седи во стан и не планира да се врати тука. Ми вика “тато нема шанси некогаш пак да се навикнам на животот таму. И не се замараме баш со ништо освен со работа и убаво поминат одмор со пријатели”.

Сака да ми праќа и пари секој месец ама јас не прифаќам. Колку имаме со толку ќе живееме. Јас не успеав многу да ја издржувам ама не дозволувам уште сега да и земам од парите.

Јас уште некоја година ќе одам во пензија, па со неа ќе си терам. Кога ги споредуваме платите со ќерката, таа секогаш ми се смее и вели “тато, во Америка твојата плата за еден ден ја заработувам”. И затоа не се ни каам што ја пуштив да оди, нека си го живее животот”.

Автор: А.Л., фото: Илустрација

Авторски текст кој не смее да се превзема без дозвола од редакцијата на Кластер.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.