Имено Европа сака да го намали бројот на патувања со авион и да ги замени авионите со брзи возови.
Раководителите во железничката индустрија се состанаа во Лион, Франција на 29 јуни за да разговараат за потенцијалното проширување на нивните железнички системи.
Нивната сегашна визија вклучува удвојување на користењето на железничкиот транспорт до 2030 година и тројно зголемување до 2050 година. Крајната цел е овие возови да ги поврзат сите големи градов.
Иако во Европа веќе има неколку брзи возови, изградбата на дополнителната инфраструктура низ континентот ќе биде полесно да се договори отколку да се направи.
Освен што се работи за исклучително амбициозен и скап проект, сериозна пречка ќе биде и бирократијата. Бидејќи железницата ќе ги минува границите на државите, ќе треба да се надминат различни прописи за да се реализира проектот.
Исто така, се смета дека ковидот има сериозно влијание врз продажбата на железнички билети, при што бројот на патници достигна рекордно ниско ниво.
И покрај ова, интегрирањето на брзите возови низ Европа изгледа како корисен почеток. Придобивките се двојни – луѓето не само што ќе имаат полесен пристап до остатокот од Европа, туку тоа ќе биде и исклучително корисно од еколошка гледна точка.
Емисиите на јаглерод диоксид од авионите се значително повисоки отколку од возовите. Во заеднички извештај на еколошките организации од Германија, Полска, Шпанија и Франција се наведува дека летот Париз-Берлин создава најмалку шест пати повеќе емисии на јаглерод отколку патувањето со воз на исто растојание.
Доколку до 2050 година бројот на возови е тројно зголемен, ова ќе биде огромен чекор кон остварување на целите на „Зелениот договор“ на ЕУ, со кој е поставена високата цел до 2050 година континентот да стане јаглеродно неутрален.
Генералниот директор на Меѓународното здружение на воздушен транспорт, Вили Волш изјави дека поради раст на трошоците за гориво ќе се зголеми цената на авионските билети.
Тој наведе дека цените на горивото се рекордно високи и оти „нафтата е единствен најголем елемент во основата на трошоците на авиокомпаниите”
– Неизбежно е на крај високите цени на нафтата да се пренесат на потрошувачите преку повисоки цени на билетите, посочи Волш.