Од низата приказни кои стигнуваат до редакцијата на Кластер.мк во последно време, а во врска со иселувањето на Македонците ја издвојуваме и пренесуваме сторијата на една млада девојка која одлучила да го промени својот животен тек.
Станува збор за 33 годишната Сања М. од Скопје која после 30тата година сфатила дека има потреба од промена во животот. Скоро 12 години работела како продавачка, дури успеала и свој бутик да си отвори, но таа работа не и пружала задоволство зашто не и донесувала ни профит на крај на месецот покрај сите давачки.
Сфатила дека погрешно го живеела животот – сакала да патува и да го открива светот. Затоа одлучила да го затвори бутикот, да се пријави на биро како невработена и започнала да размислува што и како да направи со својот живот.
„На факултет не се запишав зашто не сакав и морав уште после матурирањето да работам. Наоѓав по нешто и на крај одлучив дека сакам да работам нешто што е поврзано со мода и облека.
Во тие години тоа ме исполнуваше, сакав да се дотерувам, но како што созревав сфатив дека животот поминат секој ден во четири ѕида, расправајќи се со луѓе, со постојани давачки не бил за мене.
Последните неколку години работев бидејќи ми требаа пари и мислев дека немам друг избор. Но, решив тоа да го променам.
Месец – два седев без работа и размислував кој би бил најпаметниот избор, дали да сменам работа или да пробам во странство.
За среќа тоа лето на гости беше дојдена тетка ми од Германија, која патем е самохрана мајка, и сослушувајќи го мојот проблем ми предложи заедно со неа и син и да отидам барем на 2 – 3 недели на гости и да видам како ќе ми се допадне животот таму.
Добро е што сум одлучна и веднаш прифатив. Им соопштив на моите дека на кратко заминувам во Германија. Моите биле свесни дека ако еднаш заминам, тешко дека ќе се вратам дома, ама не ми рекоа ништо. Само плачеа кога ме испраќаа свесни за фактот дека и нивното чедо се иселува од гнездото како многумина други“.
Сања не знаела ни германски јазик, но затоа тетка и била тука секогаш за да и помогне. Ретко кој млад човек не сака да остане да живее во странство, па така се случило и со нејзе.
Одлучила да остане и по тие три недели одмор зашто со помош на тетка и успеала да отиде на интервју и за почеток да најде работа со скратено работно време во еден магацин.
„Платата за почеток ми беше навистина мала и не можев дури ни стан да си барам, но благодарение на тетка ми најдов 5 куќи во кои одев преку неделата и чистев паралелно со другата работа.
Некои жени се срамат од тоа што мора да се чистачки или садоперачки, но мене не ми беше важно, сакав само да застанам на свои нозе. Средивме и документи и после половина година веќе сама знаев да се снаоѓам и си барав огласи за подобра работа.
Освен тетка ми немав друга поддршка и ќе признаам дека ми беше навистина тешко, имаше денови во кои не престанував да пла чам мислејќи дека не требаше да си ја напуштам работата во Македонија.
Но сè поминува и сега воопшто не ми паѓа на памет да се враќам дома. Животот почна да ми се средува откако најдов работа во старечки дом каде што треба да подготовувам и да им давам појадок на луѓето.
Скоро година ипол работам тука и сум многу задоволна и од платата и од колегите. Предност ми е и тоа што работата со луѓе ми помогна брзо да го научам германскиот јазик и сега го зборувам без проблем.
Две години сум во Германија, живеам во стан под кирија и веќе почнав да размислувам и да најдам партнер за брак. Ми недостасува семејство тука зашто многу малку се дружам со луѓето овде.
Германците ми се некако поладен народ и гледаат само работата да си ја завршат, а и со наши ретко се гледам. Дома си одам секогаш кога можам и не можам да не ги забележам незадоволството и зависта во очите на луѓето кои зборуваат „Алал да ти е, лесно ти е тебе се снајде и замина од тука, а ние..“ Да, ама не ми беше воопшто лесно.
Заминав со два куфери и последните 300 евра и ништо не ми падна од небото“ – заклучува Сања . Им порачува на младите луѓе дека никогаш не е доцна да внесат промена во животот доколку не се задоволни од работата и ги охрабрува да го продолжат во некоја поразвиена земја.
Автор: А.Л. Фото: Илустрација
Авторски текст кој не смее да биде превземан без дозвола од редакцијата на Кластер.мк