Државјани од Македонија, БиХ, Црна Гора и Албанија вчера се вакцинираат во Белград и во Ниш. Некои од нив се дојдени организирано и со претходна пријава на порталот „Е-управа“, но во Србија можат да се вакцинираат странски државјани без оглед дали имаат престој во земјата.
За време на викендов државјани од земјите од Западен Балкан се вакцинираат во српските градови Белград и Ниш. Вакцините Астра Зенека ги добиваат бизнисмени и нивните вработени кои претходно се пријавени за вакцинација, но има и такви кои одат без претходна пријава, односно само со пасош.
На граничниот премин Табановце денеска беше гужва. Македонското Министерство за внатрешни работи информираше дека само до 10 часот границата ја поминале над 2.000 граѓани.
Во текот на денешниот ден, повеќе од 1.100 македонски стопанственици беа вакцинирани во рамки на акцијата која на организираше Стопанската комора на Македонија заедно со Стопанската комора на Србија, во рамките на Коморскиот инвестициски форум.
Тимовите на Стопанската комора на Македонија, распоредени во спортската сала „Чаир“ во Ниш, на граничниот премин Табановце и во дежурната служба во просториите на Комората, во текот на целиот ден ги преземаа сите потребни активности за процесот да тече непречено и без застои, според дефинираниот распоред.
Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во вечерашното гостување во вестите на Сител, го поздрави пријателскиот гест на Република Србија за чинот на солидарност што овозможи граѓани од нашата земја, како и соседните земји Босна, Црна Гора, Хрватска викендов да се вакцинираат во Србија.
-Тоа е за поздравување, пред неколку месеци Србија ни донираа вакцини со кои ги вакциниравме здравствените работници, секој што работи со ковид пацинети, а сега ги отвораат вратите и за другите граѓани на соседните земји и мислам дека тоа е многу добар гест.
Во моментов кога е буквално борба за вакцини, апсолутно секоја вакцина треба да се искористи и не треба да се дозволи да помине рокот, или да се уништи – рече Филипче.
Министерот упати апел до нашите граѓани кои првата доза на вакцина ја примиле во Србија дека ќе имаат можност доколку одлучат ревакцината да ја примаат во нашата земја, а веќе се подготвува начин како граѓаните да влезат во нашиот здравствен систем како вакцинирани против Ковид 19.
-Јас веќе утре ќе разговарам со српскиот колега Лончар да видиме дали може да ги добиеме податоците електронски за да ги вградиме во нашиот систем. Доколку не ние веќе попладнево разговаравме да направиме еден модул на сегашниот сајт „vakcinacija” за тие граѓани да можат да се пријават.
Граѓаните секако добиле термин за ревакцина, доколку некој не може да оди во Србија, доколку некој кој сака овде да продолжи ние тоа ќе го испланираме во нашиот систем – порача Филипче.
По подолг период се огласи познатиот новинар Драган Павловиќ Латас, а тема беше токму вакцинацијата на Македонците во соседна Србија.
Латас преку својата фејсбук страница сподели пост во кој што вели:
Ако сме држава тогаш Македонија треба од Србија да побара список од сите Македонци кои примиле вакцина во Србија, со фактура да ги плати вакцините за своите граѓани кои овде плаќаат данок и придонес за здравство.Една вакцина е 30-40 долари.