Поволни вести за нашите иселеници: Четири нови летови од и до Скопје – од кои три на Визер

  • By admin
  • октомври 24, 2021
  • 0
  • 3998 Views

Во првите девет месеци од годинава на македонските аеродроми се превезени за 57 проценти повеќе патници во однос на истиот период од 2020, односно за 52 проценти помалку споредено со првите три квартали од 2019 година.

Фото: ТАВ Скопје фејсбук

Првите знаци на закрепнување на авиосообраќајот по значителниот пад поради ковид пандемијата се забележани по омасовувањето на вакцинацијата против Ковид-19, во втората половина од јуни и јули, сè до средината на август.

Фото: ТАВ Скопје фејсбук

Стабилизација на секторот и среднорочно и долгорочно закрепнување, како што оценуваат од ТАВ Македонија, операторот со македонските аеродроми, ќе има кога условите за влез во различни земји кои се поврзани со Ковид-19 ќе се изедначат за сите државјани на сите држави.

Фото: ТАВ Скопје фејсбук

Од најавите на авиокомпаниите досега, знаеме дека ќе имаме четири нови дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје до крајот на 2021 година, вели за МИА, Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија, во пресрет на воведувањето на зимскиот ред на летање.

Фото: ТАВ Скопје фејсбук

Зимскиот распоред на летови ќе почне на крајот од овој месец, во моментов, како што наведува Батак, е во подготовки и наскоро ќе бидеме во можност да кажеме до точно колку дестинации ќе се лета од скопскиот аеродром од крајот на октомври годинава до крајот на март следната 2022 година.

– Три нови дестинации ќе воведе Виз ер во декември, од Скопје до Болоња, Торино и Билунд. Една нова дестинација, од Женева до Скопје, ќе биде отворена од Изиџет, британската нискобуџетна авиокомпанија, која со отворањето на оваа рута на почетокот на ноември 2021 година практично првпат ќе влезе на македонскиот пазар.

Заедно со наведените наведените нови дестинации на Виз ер од Скопје, во декември 2021, унгарската нискобуџетна авиокомпанија ќе отвори и нова авиолинија од охридскиот аеродром до германскиот град Фридрихсхафен, информира Батак.

Најголемиот дел од откажаните авиолинии со почетокот на пандемијата во 2020 година беа вратени на распоредот на летање по повторното отворање на двата аеродроми во јули 2020 година, и потоа во 2021 година.

Сепак некои од дестинациите, како Доха со Катар ервејс и Дубаи со Флај Дубаи, што беа опслужувани од Скопје пред пандемијата, сè уште не се вратени.

-И покрај тоа што сме среде пандемија, оваа година отворивме две нови авиолинии, односно две нови дестинации од Меѓународниот aеродром Скопје кон Русија – Москва и Санкт Петербург.

Ова е прв пат пат после 20 години, Скопје и Македонија да бидат директно поврзани со Русија по воздушен пат. Овие авиолинии имаат голем потенцијал и ние се надеваме дека авиосообраќајот на овие рути ќе се развива и натаму, изјави Батак.

Доколку имаат потреба да патуваат со авион, како што вели, луѓето не се двоумат. Тие ги преземаат неопходните здравствени и безбедносни мерки и патуваат и од туристички и од економски причини.

-Единствената пречка за патувањата со авион се различните рестрикции наметнати од различни земји поради Ковид-19, коишто се менуваат често и го усложнуваат целиот процес на авионско патување, за патниците, но исто така и за играчите во авијацијата – аеродромите и авиокомпаниите.

Кога различните рестрикции поради Ковид-19 ќе се укинат од страна на различни земји, или кога условите за влез во различни земји кои се поврзани со Ковид-19 ќе се изедначат за сите државјани на сите држави, тогаш ќе ја видиме стабилизацијата во авијацискиот сектор и тогаш можеме да очекуваме среднорочно и долгорочно закрепнување на авиосообраќајот, посочува Батак.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.