Германија од година во година станува дом на се повеќе странски граѓани кои со текот на годините дел од нив и добиваат нивно државјанство.
Како што пренесува „Дојче веле“ во текот на 2021 година германско државјанство добиле околу 131.600 доселеници, што претставува зголемување од 20% во однос на годината пред тоа.
Во текот на изминатата година биле дадени една петтина повеќе германски државјанства отколку во 2020-тата година, соопшти Сојузниот завод за статистика.
Во 2021 година германско државјанство добиле околу 131.600 странци, што претставува зголемување од околу 20% во однос на годината пред тоа.
Најголемиот дел од државјанствата ги добиле лица со сириско потекло – 19.100, односно лани државјанство добиле три пати повеќе Сиријци отколку што тоа било случај во 2020-тата.
Големиот број државјанства за лицата со сириско потекло се должи на нивното доаѓање во Германија во периодот од 2014 до 2016 година. Сe поголем дел од нив ги исполнуваат условите за добивање државјанство, како доволни познавања на германски јазик, обезбедена егзистенција и, по правило, престој од најмалку 8 години во земјата.
Најголемиот дел од Сиријците кои во 2021 година добиле германско државјанство, меѓутоа, немаат осум години претсој во Германија.
Но, лицата кои имаат забележано особени резултати во своето интегрирање, како добри познавања на јазикот, школско образование или обука за работа, како и граѓански ангажман, можат да поднесат барања за германско државјанство по шест години престој во земјата.
Покрај Сиријците, најмногу државјанства во 2021 година им биле дадени на лица со турско (12.200), романско (6.900), полско (5.500) и италијанско потекло (5.000).
Во групата на лица кои се стекнале со германско државјанство има луѓе од 173 различни нации, соопшти Сојузниот завод за статистика. Секое четврто лице има потекло од некоја од земјите членки на ЕУ.