Со Мендух Тачи, лидерот на ДПА во вечерашното издание на „Клик Плус“ на ТВ21 се дебатираше на различни теми. Една од нив е прислушувањето, а во некои разговори го има и неговиот глас.
Тачи вели дека тие разговори не се 100% точни.
„Никогаш нема да се сложам дека тие разговори кои се прислушувани се 100% точни. Повторно ќе бидам соочен да зборувам за тоа, но ниту ден денеска не е најден аргумент дека јас со ВМРО-ДПМНЕ имав некој бизнис или некоја заедничка одлука“, вели Тачи.
Тој смета дека тогашната власт прислушувала, но смета дека во иднина тешко дека некому ќе му „дојде на памет“ тоа да го прави повторно.
„Мислам дека тогашната власт прислушуваше. Јас сум шампион на прислушување и во таа власт и во поранешните власти. Сметам дека ова ќе биде памет за другите кои ќе раководат со тие институции, да не ги злоупотребуваат во иднина. Тој што ќе дрзне ова да го повтори, кога тогаш дека ќе одговара“, рече Тачи.
„Ова е тотално нефер однесување од Бугарија. Сметам дека е неочекувано, после проблемите и спорот со Грција“, вели претседателот на ДПА, Мендух Тачи во гостувањето на емисијата „Клик плус“.
Според него, потребно е да не возвраќаме со ист речник како што го прават тоа бугарските власти.
„Таков луксуз не ни треба. Сепак, се солидализирам со Македонците. Немаме друга алтернатива, оваа битка за идентитетот води преку НАТО и ЕУ.
Доколку не ја добиеме битката, мислам дека следи асимилација на државата од Србија или Русија. Храброста е да направи компромис“, истакна Тачи, додавајќи дека после Грција, очекува спор со Србија поради автокефалноста на црквата.