Кумановецот Мустафа со завршен факултет работи за минималец во пазарен инспекторат: Не вреди навистина за 14.700 денари да се работи

  • By admin
  • јануари 6, 2022
  • 0
  • 544 Views

Мустафа Мурина пред 11 години завршил факултет, а во Пазарниот инспекторат-Куманово во кој работи повеќе од 10 години, е платен како да е со средно образование.

Зема минимална плата од 14.700 денари. Но, не е само тој. Заедно со 4 други колеги побарале да им биде признаена универзитетската диплома и да добијат унапредување, но, како што велат, никој не ги земал предвид нивните барања.

„Поднесов молба до Министерството за економија, и до управата на Државниот пазарен инспекторат, но наидовме на глуво уво“ вели во изјава за ТВ21 и притоа додава:

„Со новиот закон за административни службеници добивме едноставен одговор без печат од Инспекторатот – дека ќе размислат во наредните 4 години да обезбедат средства да ни го признаат факултетот, и тоа само факултетот, не и категоријата“.

Мурина истакнува дека поплаки испрати и до Синдикатот на работници, но и од таму не добиле одговор. Тврди дека тој и неговите колеги ги исполнуваат бараните услови и дека со законот досега требале да добијат унапредување.

Ќе продолжат да се жалат, а доколку не добијат одговор, велат дека единствениот излез ќе им биде да си заминат.

„Јас, а и моите колеги сме оценети со одлични оценки за работата што ја вршиме, но не напредуваме, како што се вработивме, така останавме. Ова е последна жалба.

Не добив одговор од Пазарниот инспекторат. На крај ќе си заминам од тука бидејќи не вреди за 14.700 денари, навистина не вреди“, додаде Мустафа Мурина.

Раководителот на Пазарниот инспекторат во Куманово, Рами Емини не одговори на прашањата на ТВ 21 во врска со овој случај.

Целата сторија со видео прилог може да ја проследите на ТВ21.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.