Уште еден наш иселеник се јави од дијаспората. Станува збор за Гоце кој живее и работи во северниот дел на Италија, па реши да раскажа за периодот кој е зад нас, но и за актулната состојба
Сите сме свесни за ситуацијата во која се наоѓаме. Секој на свој начин се снаоѓа и се чува од коронавирусот. Сепак, и покрај се има луѓе што си тераат како ништо да не се случува, како да треба да живееме исто како порано.
Работите се сменија, веќе втора година ништо не е исто. Сведоци сме на постојано отпуштање од работа, намалени капацитети на сите објекти и превоз, во скоро сите земји се спроведуваат некакви мерки и уште не можеме да си дозволиме да живееме како порано.
Не можеме да патуваме, образование имаме од дома, се оддалечивме и од роднините и од пријателите. Секоја чест на оние храбрите што мислат дека не е ништо и немаат страв од фаќање вирус.
Јас и мојата фамилија не сме од тие. Го прележавме и многу добро знаеме како е, како прво колку влијание има на психата, а потоа на организмот. Стравот си го прави своето, не знаеш каков сој си фатил и што може да очекуваш.
Добро е што минавме со не многу тешки симптоми и тоа во најголемото жариште лани затоа што живееме во Италија близу Милано. Околу 10тина години веќе сме преселени овде. Прво живеевме во Македонија, но за пари дојдов овде, а потоа ги доведов и жената и малиот син.
Тука ни се роди и вториот син. Да бев во Македонија знам дека немаше толку да напредувам и да створам имот. За ова време како сум овде си го обезбедив имотното прашање и свој автомобил. Не ни планирам да се враќам назад, само кога треба да ги посетам родителите и роднините.
Но, еве веќе две години се исцрпевме овде, само работа дома, работа, децата од дома учеа, не можеме ниту да ги прошетаме и тие станаа неиздржливи. Кога и да сакаме да дојдеме пак се плашиме, родителите ни се возрасни, за нив се плашиме највеќе.
Многу ми е тешко кога го зборувам ова, но не можам поинаку. Сите што смр иселени моментално се соочуваме со истата ситуација. Не знаеш на што си и како да постапиш, не се знае ни какви ќе бидат мерките понатаму.
Сакавме сега за Велигден да земеме слободни денови и да отидеме барем празникот да го поминеме заедно. Свесни сме дека не смееме да се собираме и дружиме, ако отидеме долу знам дека ќе мора со сите познати да се видиме. Затоа одлучивме да прескокнеме и овојпат и да оставиме за на лето ако биде сè во ред.
Ми е жал за моите, цело време ни се јавуваат и прашуваат кога ќе ги видат внуците, многу им недостасуваме. Верувам дека многу нашинци разбираат какво е чувството моментално.
Толку време разделени и се уште мора да живееме во неизвесност дали ќе се видиме повторно или не. Од Нова Година наваму не ми остана ништо друго туку само да им испраќам пари, гледам колку се зголемени трошоците за живот таму па барем да им помогнам малку.
Тие не ми бараат ништо, парите не им се надомест за нашето присуство, но немам друго чаре. Барем да не крпат крај со крај со минимални пензии.
Така ќе продолжам и понатаму сè дури не можеме да одиме да ги видиме. Да се надеваме само дека ќе останеме со здравје за некои подоври времиња.
Обработил: Д.С, Фото: Илустрација
Авторски текст кој не смее да биде превземан без довозвола од редакцијата на Кластер.мк