Томе: Цел живот работев и се трудев за двајцата синови за да сега Германија ми ги земе

  • By admin
  • јуни 12, 2021
  • 0
  • 9097 Views

Како родител најважна ми е само среќата на моите деца. Самој тој што никогаш не бил родител не знае каков благослов се децата. Имам 58 години и по професија сум возач на автобус.

Живеам во среќен брак скоро 30 години. Имам двајца синови за кои живеам и се гордеам. Свесни сме сите дека живееме во такво време во кое стана пречесто заминувањето на младите од дома.

Сите си имаат своја причина, но најмногу заради парите. Кога ќе ми текне како ние живеевме порано, немавме големи плати, ама се живееше и никој не ни помислуваше да го напушти домот.

Секако имаше и ретки исклучоци. А сега, веќе страв ми е дека ќе останеме само стари пензионери во земјава, ќе ни заминат младиве и ќе нема кој една чаша вода да ни даде.

Многу тешко време дојде. И ќе ми каже некој..абе има работа за тој што му се работи.. е има работа, но со пари за преживување. И јас не сум богат, ама сум штедел на времето, сум земал и кредити за да им овозможам на моите деца да се школуваат и да имаат услови за живот.

Денес не е така, имаме многу поголеми трошоци и младите нема шанси да заштедат. Плус па ако и со нивните плати помагаат на семејството, секакви случаеви има.

Можете да замислите какви грижи имав јас како прво во однос на станбеното прашање. Како ли ќе ги обезбедев моите два сина со живеалишта кога ќе се оженат?

Не можев да им купувам стан или куќа, се договоривме кога ќе дојде време за тоа, тогаш да планираме. Ете, поголемиот се ожени и си реновираше соби на горниот спрат.

Кога да видиш, за џабе. Уште кога се верија пред три години веднаш одлучија да заминат во Германија со снаата. За неа имало работа во некој старечки дом, знаела јазик, па и него ќе го снајдела со работа.

Не се ни консултираа со нас, се договорија и си заминаа. Фала му на Бога сега се многу позадоволни од тука. Син ми работеше како контролор во една фабрика, ама ете, ем заради поубав живот, ем заради поголеми плати, си одлучија да се иселат.

Се тешев со помалиот син дека барем тој ќе ми остане тука. Го заврши факултетот и сакаше да се вработи во банка. Арно ама, откако отиде неколку пати на гости кај брат му, ептен се загреа и тој да се исели.

Ние дома го разубедувавме, му велев дека ќе си има убава работа, секогаш ќе биде чист, уреден, ќе си се одоми.. па тоа ни беше целта, и ние сакавме да поживееме со нив.

Детево беше премногу залетано, си направи еден куп фантазии за тоа каде се’ ќе шета таму, што ќе види, каде ќе живее што ништо друго не му паѓаше на ум.

Ланското лето кога син ми и снаата дојдоа на одмор за да не’ видат му предложија да замине со нив. И така се со кола, дури се овде ќе му договорат сместување и ќе може директно да бара работа.

Претходно ги советував и двајцата никако да не сакаат да седи во нивниот стан од разни причини. Ако е одлучен ќе му позајмиме пари нека си го плаќа, подобро во свој стан, отколку после да си имаме проблеми.

Толку му требаше, се нафати веднаш и замина и тој. И сега, што ми треба мене повеќе во животов? Секој ден рутина – стани, провози го автобусот, врати се, жената се вратила од работа и ручекот е готов, ама децата ни ги нема.

Се тешам само со тоа што се живи и здрави и што си заработуваат свои пари за поубав живот. Барем можат да си дозволат да го видат белиот свет.

Понекогаш им се лутам бидејќи заминаа и не’ оставија двајцата сами, па затоа ли толку се трудевме да ги израснеме и да работиме само за на нив да им овозможиме иднина..

Сега домот ни е празен, оддалечени сме и ако не беше интернетот не знам како би се гледале. Си велам барем се осамостоија и се одговорни за своите животи, си ја најдоа среќата далеку од нас, тоа е најважно.

Сфатив дека ни образованието не значи многу, што ако толку се трудев и ги терав да учат кога ете заминаа и таму заработуваат повеќе од што би заработиле тука работејќи на струката..

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.